Атина Мургашанска од СДСМ ќе претседава со Советот на Општина Куманово во следните четири години, оваа одлука денеска ја изгласа новиот советнички состав на првата, конститутивна седница.
Мургашанска е правник, а работи во Североисточниот плански регион, воедно е претседателка на Форумот на жени на СДСМ од Куманово.

Во гласањето за претседател, освен нејзиното име, тука беше и името на советникот Борислав Додевски од ВМРО-ДПМНЕ, но сепак поддршката ја доби Мургашанска, која на локалните избори беше носител на листата кандидати за советници на Коалицијата за живот во Македонија.
– Искрено сум и длабоко убедена дека ќе имаме успешна и плодна соработка со советниците , дека ова ќе биде локален дом на демократијата каде што со плодна конструктивна дискусија , со креативни предлози , квалитетна демократска расправа ќе дојдеме до најдобри решенија во донесувањето на одлуките за кои е надлежен советот. Сите овде независно од политичката определба, независно од етничката од другата припадност сме со иста цел да креираме такви политики, да донесуваме такви одлуки , да работиме за подобар живот на граѓаните на општина Куманово. се надевам и на успешна соработка со новоизбраниот градоначалник Максим Димитриевски, изјави Мургашанска.

Градоначалникот Максим Димитриевски најави добра соработка со претседателот, но и со сите други советници со цел работа од заеднички интерес за граѓаните на Куманово.
– Очекувам максимална соработка со претседателот на советот и со сите членови на советот да го штитат интересот на граѓаните , советот е претставнички орган на граѓаните, и треба во вистинска смисла на зборот да го претствува тоа, а тоа е да ја претствува волјата на граѓаните, барањата и потребите . јас како поранешен член на советот кој што доаѓа од редовите на советот и од претствничката демократија од Собранието, изјави Димитриевски.


