Властите во Мјанмар уапсија астролог кој предизвика паника кај граѓаните со објава на ТикТок во која предвиде уште еден земјотрес, објави Би-Би-Си.
„Сакаше да предизвика паника“
Корисник на ТикТок со прекар Џон Мо го објавил своето предвидување на 9 април, само две недели по катастрофалниот земјотрес со јачина од 7,7 степени по Рихтер во кој загинаа 3.500 луѓе и беа уништени антички пагоди во земјата од Југоисточна Азија.
Тој беше уапсен во вторник поради, како што објави Министерството за информации на Мјанмар, „објавување лажни тврдења со намера да предизвика паника кај граѓаните“.
Во видео кое е прегледано повеќе од три милиони пати, Џон Мое Д предупредува дека земјотрес ќе „ги погоди сите градови во Мјанмар“ на 21 април.
Описот на видеото гласи: „Луѓето не треба да бидат во високи згради во текот на денот“.
За време на видеото, тој им советува на гледачите да „ги земат најважните работи и да избегаат од зградите за време на тресење“.
Вознемирените граѓани ги напуштија своите домови
Жителка на Јангон за АФП изјави дека многу од нејзините соседи веруваат во предвидувањето.
На денот кога астрологот го објавил земјотресот, тие одбиле да бидат во своите домови и го поминале денот надвор, кампувајќи.
Неговиот профил на ТикТок, кој повеќе не е активен, имаше повеќе од 300.000 следбеници и тврдеше дека предвидува настани користејќи астрологија и хиромантија. Тој беше уапсен во својот дом во регионот Сагаинг во централен Мјанмар.
Сепак, експертите предупредуваат дека земјотресите не можат да се предвидат, поради исклучителната сложеност на факторите што ги предизвикуваат.
Земјотресот од 28 март особено силно ги погоди областите Мандалај и Сагаинг, поради што воената хунта на Мјанмар упати вонредно барање за помош од странство.
Земјотресот беше толку силен што беше почувствуван и во Бангкок, оддалечен околу 1.000 километри, каде што се урна зграда на градилиштето и загинаа десетици луѓе.