Астероидот 2020 SW значително ќе се приближи до нашата планета денеска (24.09.) и ќе пролета покрај нас на далечина многу помала од таа меѓу Месечината и Земјата.
Но, нема потреба од паника. Експертите веруваат дека 2020 SW ќе помине на растојание од 27.000 километри, но дека нема да ја погоди Земјата.
Со цел визуелно да се претстави растојанието, треба да се спомене дека Месечината е во просек оддалечена од нас 384.000 км, или околу 30 дијаметри на Земјата.
Овој астероид ќе помине на растојание од околу 2,1 дијаметар од нашата планета.
Ова значи дека 2020 SW ќе лета поблиску до некои телевизиски и метеоролошки сателити кои орбитираат околу 35.888 км над нашите глави денеска околу 13 часот.
Точната големина на астероидот не е позната
Научниците сè уште не ја утврдиле точната големина на астероидот, но тој не е преголем објект. Се претпоставува дека оваа вселенска карпа е со големина помеѓу 4,4 и 9,9 метри, пишува Live Science.
Иако 2020 SW е посветол како што се приближува кон Земјата, сепак нема да биде видлив со голо око.
Овој астероид е откриен дури минатата недела, на 18 септември, и се чини дека блиската средба меѓу него и Земјата ќе го промени неговиот живот засекогаш. Имено, тоа е толку мал астероид што се очекува гравитацијата на Земјата да ја промени неговата орбита.
Откако денеска со брзина од околу 27.200 км/ч ќе мине покрај нас, нема да се појави повторно се до 3 јуни 2029 година.