Основачот на Викиликс Џулијан Асанж нема да преживее доколку Велика Британија го екстрадира во Америка, предупредува неговата сопруга Стела.
Високиот суд во Лондон ќе ја започне последната жалба на која Асанж има право во вторник на 20 февруари, а неговата сопруга вели дека тој е физички и психички многу слаб.
„Ова многу добро би можело да биде последното сослушување за Џулијан“, изјави таа за BBC Radio 4.
Асанж се бара во САД под обвинение за шпионажа и максималната казна за тоа дело е 175 години затвор.
Случајот против него беше отворен за објавување на илјадници доверливи документи во 2010 и 2011 година, а американските власти сметаат дека тој го прекршил законот и ги загрозил животите на другите.
Асанж смета дека обвинувањата се политички мотивирани.
Доколку неговата жалба не биде одобрена во вторник во Лондон, „тој нема да има право на дополнителна жалба во овој случај“, изјави Стела Асанж за Би-Би-Си.
Сепак, таа ја спомена можноста за жалба до Европскиот суд за човекови права за да се добие итна судска наредба.
Таа посочи дека Асанж ќе може да го искористи тоа законско право „во рок од 24 часа“, како што покажува искуството од претходните случаи на екстрадиција.
Поради стресот на судењето, на Асанж му е „многу тешко“, бидејќи знае дека „се може да се случи во текот на оваа недела“.
„Исходот од овој случај суштински ќе определи дали тој ќе живее или ќе умре“, смета таа.
Асанж, австралиски државјанин, се наоѓа во лондонскиот затвор Белмарш од 2019 година, додека судскиот спор за неговата екстрадиција во Америка сè уште е во тек.
Високиот суд нареди екстрадиција на Асанж во 2021 година и ги отфрли аргументите за менталното здравје на Австралиецот, за кои одбраната тврдеше дека го изложува на ризик од самоубиство во американски затвор.
Врховниот суд ја потврди таа пресуда во 2022 година, а потоа британската министерка за внатрешни работи Прити Пател ја потврди наредбата за екстрадиција.
Минатата недела австралискиот парламент усвои документ со кој ги повикува Обединетото Кралство и САД да го ослободат Асанж.