Асад е минато. Но, што следува во Сирија?

Сподели со своите пријатели

На социјалните мрежи се појавија бројни видеа од различни делови на Сирија каде луѓето го слават соборувањето на диктаторот Башар ал Асад, вклучувајќи сцени од претседателската палата во Дамаск.

Loading...

Асад ја напушти земјата, а руските медиуми во неделата вечерта, повикувајќи се на извори од Кремљ, објавија дека тој и неговото семејство пристигнале во Москва.

Асад е минато. Но, сега се поставува прашањето што ќе се случува понатаму во Сирија.

Исламистичката Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) ја објави својата прва изјава во неделата наутро:

„До раселените луѓе во светот: ве очекува слободна Сирија“.

Онлајн снимките покажуваат ослободување на затвореници од бројни режимски затвори, вклучувајќи го и озлогласениот затвор Седнаја северно од Дамаск, каде што беа мачени и убиени илјадници противници на режимот, пишува Дојче веле.

Умерени исламисти?

Меѓутоа, прашање е колку навистина ќе биде слободна Сирија.

Сите очи првенствено се насочени кон лидерот на исламистичката милиција ХТС, Абу Мухамед ал-Џулани, кој сега во голема мера ја контролира земјата.

Loading...

Како тој ја замислува иднината на Сирија?

За ова има различни проценки.

ХТС помина низ долг развој, објаснува за ДВ Андре Банк, експерт за Сирија во германскиот институт за глобални и регионални студии (ГИГА) во Хамбург.

Џулани пред многу години се огради од Ал Каеда и важи за противник на џихадистичката организација „Исламска држава“.

Тоа би значело дека тој не е во мисија против Западот, туку се фокусира на Сирија.

Можно е сега да работи на создавање на еден вид „салафистички поредок“.

Во меѓувреме, самиот Ал-Џулани покажува знаци на умереност.

За време на офанзивата на Алепо тој повика на почитување на правата на христијаните и малцинствата.

Loading...

Во интервју за американскиот Си-Ен-Ен изјави дека сака да изгради државни институции во кои треба да бидат вклучени сите општествени групи во земјата.

Фактот дека досега немало насилство врз малцинствата дава „трошка надеж“, изјави за ДВ експертот за Сирија Џејмс Дорси од Блискиот Исток институт во Вашингтон.

Поранешниот германски амбасадор во Дамаск, Андреас Рајнике е поскептичен. ХТС останува вкоренет во идеологијата на Ал Каеда, поради што е загрозена иднината на христијанското и курдското малцинство во Сирија, изјави Рајник за Католичката новинска агенција (КНА).

Улогата на Сириската национална армија

Покрај ХТС, влијание во Сирија имаат и други групи.

Сириската национална армија (СНА) се бори заедно со ХТС.

Таа произлезе од Слободната сириска армија (FSA), милиција која се бореше против Асад по почетокот на бунтот во 2011 година. Се смета дека СНА е многу блиска до Турција.

СНА постојано беше обвинета за злосторства против човештвото, вклучително и за тортура врз Курдите.

Во исто време, постојат механизми во таа група за спречување на такви злосторства, изјави за списанието Middle East Eye експертот за Сирија Омер Озкизилџик од тинк-тенкот на Атлантскиот совет.

Loading...

Сега се зависи од тоа кои сили во СНА ќе преовладуваат и каков однос ќе воспостават со ХТС, што го сметаат за конкуренција.

Меѓутоа, важна улога играат и милициите кои се противат на Асад од југот на земјата. Единственото нешто што ги поврзува со ХТС е противењето на соборениот диктатор; идеолошки гледано, овие доминантно секуларни групи значително се разликуваат од исламистите.

На север, Курдите ќе се обидат да се позиционираат против СНА и Турција, која ја поддржува таа група. Тој конфликт носи и значителен потенцијал за насилство.

Улогата на Русија, Иран и Турција

Акцијата на меѓународните актери е исто така клучна за иднината на Сирија. Турција најверојатно ќе има значително влијание.

Може да поддржи влада под влијание на исламисти, но предизвиците за Анкара вклучуваат можен конфликт со Курдите, кои имаат значителна територија под нивна контрола и ефективно се самоуправуваат.

Голем губитник од овој пресврт е Иран, кој со години го поддржуваше Асад во борбата против бунтовниците и значително придонесе за неговата победа.

Loading...

Ова му даде на Техеран воено присуство во Сирија, кое го искористи за да се приближи до Израел и да го снабдува со оружје Хезболах, неговиот сојузник против Израел. Сепак, во последните денови и Иран и Хезболах се повлекоа од Сирија.

Падот на режимот на Асад може да го ослаби кредибилитетот на Иран во рамките на т.н „оската на отпорот“, изјави за ДВ Маркус Шнајдер, раководител на проектот „Мир и безбедност на Блискиот Исток и Северна Африка“ во германската фондација Фридрих Еберт.

„Поразот во Сирија за Техеран може да се спореди со поразот на Советите во Авганистан. Тоа дури може да го најави крајот на исламистичкиот режим во самиот Техеран“, рече Шнајдер.

Востанието ја погоди и Русија, која од 2015 година безрезервно го поддржува режимот на Асад во борбата против бунтовниците.

За возврат, Кремљ доби поморска база во Тартус и воздухопловна база во Хмејмим кај Латакија.

Loading...

Сега Москва може да се обиде да ги одбрани тие позиции по секоја цена, што потоа носи ризик од нов вооружен конфликт.