Граѓанска иницијатива „Будење“ од Куманово која деновиве собира петиција со која од Советот на општината ќе бара референдум против наводна изградба на станови за бегалци во Куманово, нема доставено никакво барање, вели денеска претседателот Александар Арсиќ.
Тој истакна дека советничките групи имале координација за седницата која треба да се одржи следната недела, меѓутоа барање по однос на оваа тема засега никој не доставил, освен опозициската коалиција која преку прес конференција побара итна седница на советот на која ќе се разгледува Акциониот план на Владата на Република Македонија за инклузија на бегалците.
Арсиќ вели дека ваквото собирање на потписи кое го врши иницијативата го иницира една политичка партија, а не граѓанскиот сектор.
Колку што ја следам ситуацијата гледам дека директно поддржана од една политичка партија, која стои како организатор зад оваа невладина организација „Будење“, мислам дека тоа нема да излезе со некојаголема излезност од граѓаните да дадат поддршка на една ваква иницијатива, бидејќи всушност проблем тука и не постои. Меѓутоа морам да кажам тука дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ имаше поднесено една иницијатива за барање на точка на дневен ред, но беше правилно доставена онака како што налага членот 29 од Статутот на општина Куманово каде што претседателот ја свикува седницата на иницијатива на една четвртина од советниците – вели Арсиќ.
Според Арсиќ советниците на ВМРО-ДПМНЕ ова може да го постават како точка на дневен ред на седницата која ќе се одржи на 30ти месецов, а ако советот ја усвои како точка тогаш ќе се развие и дискусија на истата тема.
Тоа го дискутиравме и со оваа советничка група каде и тие самите се изјаснија дека немало доволен број на своетници тогаш во моментот да достават една таква иницијатива и се остави сега прашање да можат на 30 август да достават свој предлог како точка на дневен ред, советот ќе се произнесе и ако ја усвои како точка, бидејќи тоа е демократски механизам, тогаш и ќе се дискутира по точката и истите барања кои ги има доставено оваа советничка група- додава Арсиќ.

