Претставата „Долна дупка“ на Театар Комедија вчера ја насмеа преполната сала на НУЦК „Трајко Прокопиев“ на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“.
Но, навидум она што на сите ни е првично смешно, кога добро ќе размислиме каде и како живееме, повеќе не е толку смешно.
Режисерот Коле Ангеловски вели дека токму тоа е и била поентата на претставата.
– Тоа беше и основната идеја да направиме комедија која ќе биде забавна за публиката додека ја гледа, но после кога ќе се замисли што живееме, како живееме и што не очекува не е смешно. Страшно сум задоволен како кумановската публика ја прими претставата, сите реакции, глумците одлично изиграа вечерва, изјави Ангеловски.
Инаку, претставата „Долна дупка“ зборува за митото и корупцијата која полека уништува едно населено место, испреплетена со сцени и проекции поврзани со реални состојби во нашата држава.
Во претставата играат Горан Ников, Роберт Ристов, Јаков Спасов и Жаклина Стевковска.
Ова беше четвртта вечер од Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“, а до крајот остануваат на репертоарот уште седум претстави.
Никола Ивановски