Во позадината на милионските приходи и профити што ги остварија трговските синџири во 2024 година, за кои Пари пишуваше во вчерашната анализа, се наоѓаат подеднакво важни бројки – за вработените и за нивните плати.
Исто така, од големо значење се и показателите како што се приход по вработен и нето-профитната маржа, кои ја даваат сликата за продуктивноста на човечкиот капитал и за ефикасноста на бизнисот.
Веќе објавивме – иако вкупните приходи на маркетите достигнуваат рекордни 1,1 милијарда евра, добивката е намалена кај осум од десет компании. Тоа укажува на притисоци врз профитабилноста, зголемени трошоци или промени во потрошувачките навики.
Во десетте маркети што ги анализираме врз база на податоците од Бизнис Мрежа, лебот го заработуваат 7.926 лица. За 859 повеќе споредено со претходната 2023 година, кога работата ја вршеле 7.067 вработени. Фактите упатуваат на интересни пресврти во односот кон човечкиот капитал. Некои од синџирите на маркети го намалуваат бројот на вработени, други драстично ги зголемуваат, трети се обидуваат да постигнат максимум со минимални ресурси.
ВРАБОТЕНИ И ПЛАТИ
Убедливо најброен персонал има КАМ ДОО (1.400), чиј број е зголемен за 12 насто во однос на 2023 година. Освен тоа, работно ангажираните овде ја имаат и највисоката просечна плата од 37.400 денари. Во однос на 2023 година е зголемена за 13,4 насто.
Во Веро има најголем раст на бројот на вработени, од дури 55 насто. Сепак, тоа резултира со намалување на просечната плата по вработен за 25 отсто (од 42.000 на 32.000 денари).
За разлика од оваа компанија, во другите платите пораснале. Најмногу во Стокомак, од 29.600 на 36.800 денари. А најмалку во Кипер, за 0,32 проценти, но треба да се посочи дека со просекот од 36.858 денари е на виската втора позиција меѓу десетте трговски синџири.
СЕКОЈ ВРАБОТЕН НА КАМ МУ ДОНЕЛ ПО 215.483 ЕВРА
Се чини дека КАМ го вреднува фактот што работноангажираните лица му носат приходи. Споредбата на вкупните приходи со бројот на вработени, покажува дека најголем бенефит од својот кадар има токму КАМ. Секој од 1.400-те вработени донел по 215.483 евра. Но, минималната годишна промена од 0,25 проценти може да значи дека веќе е достигнат максимумот.
Кипер бележи стабилност во развојот достигнувајќи 186.300 евра по вработен, а Стокомак со 184.100 евра го зацврстува своето место меѓу најпродуктивните маркети.
Во овој сегмент Монтенегро има највисок раст од речиси 13 насто што може да се смета за значајно подобрување на продуктивноста. Во однос на големината, пак, Миса со 132.600 евра по вработен има стабилна деловна динамика.
Рамстор стагнира со речиси непроменет приход по вработен (+0,36%), додека Кит-го има умерено подобрување (+7,01%). Тинекс, иако е последен на листата, покажува раст од 10,33 проценти.
Со голем пад се соочиле во Веро, за 27,78 отсто, па приходот по вработен од 109,1 илјада евра веројатно е последица на бројното зголемување на работниот екипаж. Зур е во минус од 3,88 проценти, со намалување на продуктивноста и приход по вработен од 100,5 илјади евра.
СИТЕ СО ЕДНОЦИФРЕНА, САМО ВЕРО СО 10 ПРОЦЕНТИ НЕТО-ПРОФИТНА МАРЖА
По дефиниција, нето-профитната маржа покажува колкав дел од приходот останува како добивка. Колку е процентот повисок, толку е компанијата поефикасна во трансформирањето на приливите во профит. Падот на овој показател кај осум од десет трговски синџири укажува на намалена ефикасност или зголемени трошоци.
Иако со малку вработени, струшка Миса успеала да ја подобри својата профитабилност – растот на маржата е за 2,63 насто. Уште поголемо зголемување, од 21,55 проценти, има Монтенегро од Гостивар.
Со најголема негатива кај маржата е Рамстор (-68,56%). Го следат Тинекс (-41,08%), чија маржа е убедливо најниска (0,91%) и Стокомак (-40,8%). Со поголемо годишно намалување на нето-профитната маржа се и Зур, Кит-го и Кипер.
КАМ е со минус 15,34 проценти, а Веро и покрај намалувањето од 14,5 отсто, останува на врвот со највисока маржа од 10,03 проценти.
Товарот на работата, која е исклучително напорна, го носат вработените. Тоа им е јасно на најголем дел од синџирите на маркети, што се согледува од презентираните податоци за реализираните нови вработувања и за нивно мотивирање со зголемувањето на платите. Приходот по вработен исто така бележи раст кај повеќето компании, но не секогаш се претвора во профит. Што може да значи дека и покрај зголемената деловна активност, оперативните трошоци и конкуренцијата имале влијание врз ефикасноста и добивките.
Всушност, бројките покажуваат и на различен пристап во работењето. Одредени трговски синџири ја зголемуваат добивката преку вложување во човечките ресурси, а други преку намалување на трошоците.
Целата објава на следниот линк: https://pari.com.mk/zad-raftovite-vo-marketite-ima-mnogu/