Анализа: Како работеа најголемите маркети во регионот?

Сподели со своите пријатели

Трговците во Македонија и во регионот одлично се снајдоа во услови на тврдокорна инфлација ‒ со двоцифрен раст на приходите и профитите.

Loading...

Иако цените на енергенсите и проблемите во синџирите на снабдување на глобално ниво се стабилизираа, цените на полиците во маркетите продолжија да растат.

Во такви услови, кога добивката ќе се стави во сооднос со бројот на вработени, македонските трговски синџири со остварените профити се истакнуваат и пред конкуренцијата во регионот.

Според податоците што ги доби и анализираше порталот Пари, македонските маркети се на самиот врв во регионот ‒ со 5.459 евра профит по вработен. Зад нив се трговските синџири во Хрватска со 5.404 евра добивка по вработен, иако оствариле многу поголеми приходи по вработен, дури 219.644 евра, со што по промет се на прво место во регионот.

Приходот по вработен во македонските маркети изнесува 145.780 евра. Најголемите маркети во Србија и во Црна Гора имаат полоши перформанси од македонските и од хрватските.

Приходите по вработен на најголемите маркети во Србија изнесуваат 109.470 евра, а во Црна Гора 102.879 евра. Профитот по вработен во српските маркети изнесува 3.444 евра, а во Црна Гора е 3.405 еврапокажува анализата на Пари.

ВКУПНИ ПРИХОДИ НА НАЈГОЛЕМИТЕ МАРКЕТИ ВО РЕГИОНОТ ЗА 2023 ВО МИЛИОНИ ЕВРА

КАКВИ ПРИХОДИ И ДОБИВКИ СЕ ВРТАТ ВО ТРГОВИЈАТА СО ХРАНА?

Loading...

Ако ги анализираме нето-добивките на трговските синџири во регионот, шампион е српскиот Делез со 66,6 милиони евра во 2023 година.

Најпрофитниот трговски синџир во Македонија е Веропулос, а тој е на деветто место на регионалната листа. Секако, станува збор за држави со сериозна разлика во бројот на населението. Додека Македонија има околу 2 милиони жители, Србија има околу 6,6 милиони.

ДОБИВКА НА НАЈГОЛЕМИТЕ МАРКЕТИ ВО РЕГИОНОТ ЗА 2023 ГОДИНА ВО МИЛИОНИ ЕВРА

 

Македонија

Седумте македонски маркети со најголеми приходи и профити (Веропулос, КАМ, Кипер, Стокомак, Кит-го, Рамстор и Тинекс) во 2023 година имаа вкупни приходи од 934,6 милиони евра.

На прво место е KAM, со остварен приход од 268,8 милиони евра. Следуваат Кипер со 175,2 милиони евра и Стокомак со 138,5 милиони евра. Со приходот од 102,6 милиони евра во 2023 година Верополус го надмина Тинекс, кој оствари вкупен приход од 98,3 милиони евра. На шесто место е Кит-го, кој минатата година има вкупен приход од 86,9 милиони евра. Според висината на приходите заостануваат Жито маркети со 69,5 милиони евра на седмо место и Рамстор со 64,3 милиони евра на осмо место. Но Жито маркети го нема меѓу најдобрите седум маркети според остварен профит.

На прво место според добивка со години по ред е Веропулос, кој во 2023 година оствари чист профит од 10,3 милиони евра, што е раст од 12,8 насто во споредба со 2022 година. На втора позиција е КАМ со профит од 7,3 милиони евра, што е значителен раст во однос на 2022 година, кога добивката изнесувала 4,9 милиони евра. Меѓу трите компании со најголема добивка е и Кипер, со нето-заработка од 5,5 милиони евра.

Следуваат Стокомак со профит од 4,1 милион евра, Кит-го со 3,9 милиони евра, Рамстор со 2,5 милиони евра и Тинекс со 1,4 милиони евра. Иако Тинекс заостанува зад конкуренцијата според висината на добивката, сепак може да се пофали дека во 2023 година има остварено најголем раст на профитот, од дури 208 насто.

Loading...

Србија

Шесте најголеми трговски синџири во Србија ‒ Делез, Меркатор С, Аман, Универекспорт, Гомекс и Метро ‒ во 2023 година остварија вкупен профит од 101 милиони евра, во услови на официјална инфлација од 7,6 насто. Оваа добивка е поголема во однос на 2022 година за 15,5 насто, односно за 14 милиони евра. Сите компании бележат двоцифрен раст и на приходите. Водат Универекспорт и Метро, кои ги зголемија приходите од продажба за 20 насто, а Делез за 15 насто.

Во 2023 година Делез има остварено најголем приход во износ од 1,3 милијарди евра. Следуваат Меркатор С со 858 милиони евра и Универекспорт со 317 милиони евра. И Метро значително го зголеми приходот (300 милиони евра). На петто место е Аман со вкупен приход од 254 милиони евра, а на шесто место е Гомекс со 187 милиони евра.

Делез е шампион во Србија и според остварениот профит во 2023 година од 66 милиони евра, што е двојно повеќе од вкупниот профит на останатите пет конкуренти заедно. Второто место го зазеде Меркатор С со раст на профитот од дури 120 насто (14 милиони евра). На трето место е Аман со добивка од 9,4 милиони евра. Универекспорт има добивка од 7,2 милиони евра, Гомекс од 4,4 милиони евра, а Метро од 180.000 евра, што е најлош резултат во дејноста (но лош е и во споредба со 2022 година, кога оваа компанија имаше добивка од 2,4 милиони евра).

Делез е најголем трговски синџир и според бројот на вработени, кој изнесува 12.399, но според просечната плата, води Метро со бруто-плата од 1.300 евра, а следуваат Делез со 1.045 евра и Меркатор С со 1.006 евра.

Републичкиот завод за статистика на Србија објави дека просечната бруто-маржа на трговските синџири за прехранбени производи изнесува речиси 15 насто, што се смета за висока стапка којашто силно го погодува животниот стандард на граѓаните.

 Црна Гора

Водечките трговски синџири во Црна Гора од 2021 година наваму бележат значителен раст на приходите и профитите. Приходите на шесте најголеми трговски синџири во 2023 година изнесуваат 997 милиони евра и бележат раст од 15 насто во однос на 2022 година, што е мало забавување затоа што во 2022 година имале годишен раст на приходите од 25 насто.

Долгогодишен лидер на црногорскиот пазар е трговскиот синџир Воли, кој во 2023 година оствари приход од 348 милиони евра. ХД Лаковиќ и ИДЕА-ЦГ (поранешен Меркатор-ЦГ) исто така имаат силни перформанси, но ИДЕА-ЦГ се истакнува со силен скок на приходот од 25,8 насто. ИДЕА е најраспространетиот трговски синџир во Црна Гора со 200 продавници. Иако е најмал играч на пазарот, компанијата Мегапромет има најголем скок на приходот во 2023 година (над 31 насто). Останати играчи меѓу трговските синџири се Франка маркети и Домача трговина.

Заедничко за сите овие компании е што 2023 година беше исклучително плодоносна за нив, што се гледа и од остварените профити, кои беа на рекородно високо ниво. Вкупниот профит на шесте компании изнесува речиси 33 милиони евра. За споредба, во последната година пред пандемијата, нивниот профит изнесуваше само 13 милиони евра.

Loading...

На прво место според профит е Воли со 15,6 милиони евра и годишен чист раст од 4 милиони евра. ХД Лаковиќ годината ја заврши со добивка од 9,9 милиони евра, која исто така порасна за 4 милиони евра. Домача трговина има раст на профитот од 140 насто и 2023 година ја заврши со добивка од 2,2 милиони евра. ИДЕА-ЦГ бележи профит од 1,92 милиони евра, што е голем пресврт по загубите во 2021 и 2022 година. Раст на профитот бележи и Мегапромет, која во 2023 година оствари добивка од 1,5 милиони евра. Пад од 20 насто на добивката бележи само Франка маркети поради преструктуирање и промени во работењето.

Како резултат на овие профити, трговските синџири ја кренаа стапката на поврат на капитал (РОЕ) на двоцифрено ниво. Мегапромет е на прво место со стапка на поврат на капитал од 41,8 насто, на второ место е ХД Лаковиќ со стапка од 37 насто, а на трето место е Воли со стапка од 26 насто.

Доказ за профитабилноста на овие компании е и профитната нето-маржа, која кажува колкав дел од вкупните приходи остануваат како чист профит. Воли и ХД Лаковиќ се компании со најголема профитна нето-маржа од 4,39 насто, односно 4,18 насто. Профитната нето-маржа на Воли во 2022 година беше 3,72 насто, а на ХД Лаковиќ 2,84 насто.

И покрај значителниот раст на приходите и профитите, висината на платите на вработените во трговските синџири е на ниво на просекот во секторот трговија на големо и мало, кој изнесува 670 евра нето.

Хрватска

Седумте најголеми трговски синџири во Хрватска во 2023 година остварија чиста заработка од 167 милиони евра. Најголем маркет по приходи во Хрватска е Конзум, но по добивка и висина на плати на вработените, води Лидл. Конзум минатата година оствари вкупен приход од 1,8 милијарди евра, што е раст од 17,6 насто во однос на 2022 година. Добивката ја зголеми за 4,2 насто (18,4 милиони евра). Просечната плата по вработен во Конзум изнесуваше 830 евра, а компанијата има речиси 10.000 вработени.

Приходот на Лидл лани изнесуваше 1,1 милијарда евра, што е раст од 11,4 насто, а добивката достигна 56,6 милиони евра, со раст од 9 насто во однос на претходната година. Лидл има 2.900 вработени и просечна плата од 1.500 евра, која е највисока во споредба со конкуренцијата.

Loading...

Според висината на приходите следува Спар, со годишен раст од 20 насто и остварени 988 милиони евра. Добивката на Спар изнесуваше 789.000 евра, а просечната плата на 3.750 вработени изнесува 980 евра. Трговскиот синџир Плодине оствари вкупен приход од 890 милиони евра (+ 12,7 насто) и добивка од 52,2 милиони евра (+ 60 насто). Просечната плата на 4.300 работници изнесува 970 евра.

Кауфланд е на петто место со раст на приходот од 14,1 насто (738 милиони евра). Добивката на оваа компанија порасна за 37,5 насто (12,1 милион евра). Просечната плата на 2.350 вработени е 1.400 евра. Следува трговскиот синџир Студенац со фантастичен раст на приходот од 60 насто (659,1 милион евра) и добивка од 3,4 милиони евра, наспроти загубата од 1,3 милиони евра во 2022 година. Оваа компанија има дури 4.300 вработени и просечна плата од 990 евра. Во најдобрата седморка, на последно место е Томи, кој лани имаше вкупен приход од 612 милиони евра (+ 12 насто) и добивка од 23,5 милиони евра (+ 32 насто). Просечната плата во оваа компанија изнесува 900 евра, а има 3.300 вработени.

Според прогнозите на аналитичарите, 2024 ќе биде добра година за трговците и покрај незадоволството на купувачите поради континуираниот раст на цените и мерките на државата за какво-такво ограничување на цените. Годината веќе е при крај, но сѐ уште нема значително попуштање на цените. Напротив, храната сѐ уште се истакнува според ценовниот раст, така што не треба да се очекува влошување на финансиските резултати на трговските синџири. Но, во 2025 година во Македонија веќе може да дојде до значително поместување на пазарот ако Лидл ги отвори своите први маркети.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/pari-ekskluzivno-nasite-rabotnici-vo-trgovijata-se-regionalni-sampioni/

Редакција Пари

Loading...