Двопартиска група американски сенатори вчера изразија загриженост за влијанието на Кина во Панамскиот канал, кој претседателот Доналд Трамп најави дека САД ќе го вратат.
„Кинеските компании градат мост преку каналот – со бавно темпо што ќе им одземе речиси една деценија – и ги контролираат контејнерските пристаништа на двата краја“, рече претседателот на Комитетот за трговија на Сенатот, Тед Круз на сослушувањето за улогата на каналот во американската трговијата и националната безбедност.
„Делумно завршениот мост ѝ дава можност на Кина да го блокира каналот без предупредување, а пристаништата ѝ даваат на Кина спремни места за набљудување да го темпираат тоа дејство. Оваа ситуација претставува акутен ризик за националната безбедност на САД“, предупреди тој.
Повеќе од 40 отсто од американскиот контејнерски сообраќај, кој се проценува на приближно 270 милијарди долари годишно, минува низ Панамскиот канал, што претставува повеќе од две третини од бродовите кои секојдневно минуваат низ вториот најпрометен меѓуокеански воден пат во светот.
Ограничувања на бродовите под панамско знаме
Претседателот на Федералната поморска комисија Луис Сола рече дека агенцијата „ќе продолжи да ги следи практиките за цените на каналот и ќе разгледа сеопфатни прегледи на поморскиот сектор во Панама“ и би можела да наметне казни и ограничувања за бродовите со панамско знаме кои пристигнуваат во американските пристаништа.
Панама има еден од најголемите регистри на бродови во светот, со своето знаме на повеќе од 8.000 бродови.
Сенаторката Марија Кантвел, демократ во Комитетот, рече дека САД и Панама треба да работат „заедно за да ја зајакнат пристанишната и каналската инфраструктура за да ги намалат трошоците и да обезбедат сигурност на каналот“.
„Загрижен сум за пристаништата во Панама во сопственост на Кина и нивната близина до каналот“, рече Кантвел.
Заканите на Трамп
Трамп постојано се закануваше дека ќе ја преземе контролата врз оваа клучна поморска трговска рута – која САД и ја отстапија на Панама во 1977 година – нарекувајќи ја „витална“ за американските интереси и не исклучувајќи ја можноста за употреба на воена сила за да ја постигне својата цел.
Професорот по право на Универзитетот Џорџ Мејсон, Јуџин Конторович, рече дека договорот за неутралност, потпишан кога САД го отстапија Панамскиот канал, им дава на двете страни „право да прибегнуваат кон вооружена сила“ за да ги спроведат одредбите.
Сепак, „вооружените сили никогаш не треба да бидат првото средство за каков било меѓународен спор“, додаде тој.
Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино минатата недела рече дека каналот е панамски и дека неговото управување ќе остане под контрола на Панама, почитувајќи ја постојаната неутралност.