Воен авион МВ-22Б Оспри се урна во средата во јужна Калифорнија, изјави за АФП портпаролот на американската морнарица.
Тој не кажа ништо за можните жртви на несреќата, но армијата ги демантираше информациите дека авионот превезувал радиоактивен материјал кога се урнал кај Гламис, на 35 километри од границата со Мексико.
Медиумите во Калифорнија јавуваат дека во авионот во моментот на несреќата имало пет маринци.
„Можеме да потврдиме дека авион на американската морнарица се урна во близина на Гламис“, изјави портпаролот.
„Воени и цивилни спасувачки тимови се на местото на несреќата. Авионот не превезувал радиоактивен материјал, како што можеше да се прочита на социјалните мрежи“, додаде тој.
Поморската воена база, која се наоѓа недалеку од местото на несреќата во Јума, во американската држава Аризона, има значителен број авиони МВ-22 Оспри со вертикално полетување.
Американската војска веќе имаше неколку несреќи со овој модел на авион, меѓу кои и вежбата на НАТО во Норвешка во март, при што загинаа четири лица.