Американски експерти се приклучија на украинската истрага за падот на авионот Ф-16 што Украина го доби од нејзините западни партнери, а кој се урна оваа недела за време на руското бомбардирање на Украина, изјави командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешук, пренесува агенцијата Бета повикувајќи се на АП.
Набргу по оваа објава, кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека Олешчук е разрешен од позицијата прв човек на воздухопловните сили.
„Мораме да ги заштитиме луѓето и персоналот. Ние се грижиме за сите наши војници“, рече претседателот на Украина и додаде дека неговата земја треба да ја зајакне својата армија на командно ниво.
Жртви на рускиот напад на Харков
Во петокот, во рускиот напад врз градот Харков во североисточна Украина, со употреба на моќни воздушни наведувани бомби, најмалку пет лица загинаа, а 47 беа ранети, изјави гувернерот на тој регион.
Бомбите погодија пет локации низ градот, во кој пред војната имаше 1,4 милиони луѓе, додаде гувернерот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги посочи нападите во Харков како дополнителен доказ дека западните земји треба да ги укинат ограничувањата на она што украинската војска може да го таргетира со донираното оружје.
„Нападот на Харков немаше да се случи доколку нашите одбранбени сили имаа можност да ја уништат руската авијација во нивните бази. Потребни ни се цврсти одлуки од нашите партнери за да се запре овој терор“, рече тој.
Авионот Ф-16 е едно од оружјата што може да се користи за гаѓање на руските бази зад линијата на фронтот.
Првата пријавена загуба
Сменетиот командант на украинските воздухопловни сили, генерал-полковник Микола Олешук, на Телеграм објави дека веќе е во тек „детална анализа“ зошто авионот Ф-16 се урна во понеделникот, кога Русија изврши голем ракетен напад врз Украина.
„Мораме внимателно да анализираме што се случило, какви се околностите и чија е одговорноста“, посочи тој.
Ова беше прва пријавена загуба на Ф-16 во Украина, каде што авионите пристигнаа кон крајот на минатиот месец.
Се верува дека најмалку шест авиони биле испорачани од европските земји.
Воените аналитичари велат дека овие авиони нема да го променат балансот на силите во војната, со оглед на масивната руска авијација и софистицираните системи за противвоздушна одбрана.