Американските сили утринава извршија уште два напада врз позициите на јеменските Хути и уништија две противбродски ракети кои беа насочени кон Црвеното Море и беа подготвени за лансирање, соопшти Армијата на Соединетите Американски Држави (САД).
Како што јави Ројтерс, американските напади се случиле околу два часа и 30 минути наутро по локално време.
Британската агенција наведува дека ударите уследиле по вчерашниот осми бран напади на воени авиони на САД и Велика Британија врз инфраструктурата на јеменските бунтовници во јеменската престолнина Сана, како и во градовите Ходеида, Таиз и Ал Бајда.
На 11 јануари, САД и Велика Британија започнаа напади врз повеќе од 60 воени цели на Хутите на 28 локации во Јемен.
Тоа беше првиот американски воен одговор на нападите што Хутите почнаа да ги вршат на трговските бродови во Црвеното Море, како поддршка на палестинската милитантна група Хамас во нејзината војна против Израел.