Министерството за надворешни работи на Велика Британија го повикало на разговор кинескиот амбасадор во Лондон поради нападот на кинеската полиција врз дописникот на Би-Би-Си кој известувал од протестите во Шангај, објави денеска лондонскиот весник „Ивнинг стандард“, но нема засега потврда на оваа информација од британското Министерство.
Во последниве денови, демонстрантите протестираа во неколку градови низ Кина против строгите мерки против Ковид, демонстрирајќи граѓанска непослушност без преседан откако претседателот Си Џинпинг ја презеде власта.
Би-би-си претходно објави дека нивниот дописник Ед Лоренс бил претепан и приведен со лисици додека ги „покривал“ протестите во Шангај, јави Танјуг.
Тој бил задржан неколку часа пред да биде ослободен.
„При апсењето, полицијата го тепала и клоцала иако бил на должност како акредитиран новинар“, се наведува во извештајот на Би-Би-Си.
Кинеското Министерство за надворешни работи ги оспори тие наводи и соопшти дека новинарот не се идентификувал како известувач.