Амбасадорката на Царството Јапонија, Кеико Ханеда денеска оствари протоколарна средба со градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
На средбата се разговарало за проектите кои јапонската амбасада ги има помогнато на подрачјето на Општина Куманово, но се разгледувале и можностите за понатамошно продлабочување на соработката.

Како што изјави амбасадорката Кеико Ханеда, народот на Јапонија во изминатите години има донирано скоро половина милион евра за десет проекти во локалната самоуправа во Куманово.
– Јапонската програма за мали грантови GGPво Македонија започна во 1996 година, а во Куманово досега има донирано над половина милион евра за 10 локални проекти. Јапонија исто така донираше два милиони американски долари во регионот, вклучувајќи го и транзитниот центар во Табановце. Последната помош во Куманово вклучува финансирање на проектот на УНДП за превенција од поплави преку регулација на Липковската река, изјави амбасадорката Ханеда.
Според градоначалникот Димитриевски, Амбасадата на Јапонија досега има донирано во значителни проекти низ годините, а меѓу другото има донирано и во опрема за јавните претпријатија во градот, како знак на благодарност за успешното справување со мигрантската криза.
– Со јапонската амбасада имаме плодна соработка која сакаме да ја продлабочуваме од година во година. Народот на Јапонија за граѓаните на Општина Куманово преку нејзините претставници, конкретно преку амбасадата има донирано позначителни средства за нашиот град и имплементирано поголем број проекти, тргнувајќи од поддршка на јавните претпријатија, во делот на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ и „Водовод“ со донација на техничка опрема, за собирање смет возила и друг тип возила кои се користат во секојдневната употреба на овие претпријатија, а денеска сме заедно да го пуштиме во свечена употреба еден од проектите во делот на реконструкција на ООУ „Вук Караџиќ“ или поконкретно замена на столарија во училиштето, почнувајќи од прозорците и вратите на училиштето во кое секојдневно учат наши ученици, рече Димитриевски.
Амбасадорката Ханеда и градоначалникот Димитриевски по протоколарната средба во Општина Куманово, се упатија на одбележување на патрониот празник на ООУ „Вук Караџиќ“, каде воено со сечење летна беше пуштен во употреба реконструираниот дел од училиштето, проект исто така финансиски поддржан од јапонската амбасада.


