Конзумирањето на големи количини алкохол во текот на подолг временски период може да оштети голем број делови од телото, вклучувајќи ги и очите. Како резултат на тоа, голем број поединци со историја на злоупотреба и зависност од алкохол искусуваат здравствени проблеми со очите.
Алкохолот директно влијае на мозокот, поради што пиењето премногу алкохол доведува до невролошки пореметувања кои се движат од потешкотии при одењето до неразбирлив говор. Алкохолот може исто така да ги ослабне мускулите во очите и трајно да ги оштети оптичките нерви кои носат информации од очите до мозокот. Тоа може да доведе до ненамерно брзо движење на очите, и во краен случај до целосно губење на видот или слепило, што е познато како токсична амблиопија, истакнува „The Independent“.
Покрај тоа што го оштетува оптичкиот нерв, алкохолот може да ја успори комуникацијата помеѓу очите и мозокот, што резултира со искривен или двоен вид. Алкохолот може да ја намали реакцијата на зениците, при што може да се намали нивната способност да се стеснуваат и шират при различна светлина, како и да ја намали способноста на поединецот да гледа различни нијанси на бои.
Можеби најкарактеристичниот проблем со очите предизвикан од прекумерното конзумирање алкохол се крвавите црвени очи. Лицата кои постојано конзумираат големо количество на алкохол имаат крвави очи поради тоа што од алкохолот отекуваат крвните садови во очите и изгледаат поголеми, со што очите изгледаат поцрвени.
Мигрените предизвикани од чувствителност на светлина се исто така чест проблем кај долгогодишните алкохоличари.