Земјотрес со јачина од 8,2 степени според Рихтеровата скала синоќа го погоди полуостровот Алјаска според локалното време, поради што е издадено предупредување за цунами во тој регион, објавија локалните власти.
Нема информации за повредени или штети, а Американскиот геолошки институт (УСГС) објави дека земјотресот, кој се случи во 22,15 часот по локално време во средата (06,15 часот по Гринич во четврток), се наоѓа на длабочина од 35 километри, пренесува Ројтерс.
Во Алјаска, Националниот центар за предупредување од цунами (НТВЦ) издаде предупредување за цунами за јужните делови, полуостровот и крајбрежните области на Пацификот од влезот Хинчинрук до преминот Унимак.
Пацифичкиот центар за предупредување од цунами (ПТВЦ) издаде предупредување за американската држава Хаваи и американската пацифичка територија Гуам.
Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) проценува дека земјотресот бил со јачина од 8,0 степени според Рихтеровата скала и бил на длабочина од 10 километри.

