Александар Радосављевиќ нов тренер на МРК Куманово

Сподели со своите пријатели

Српскиот ракометен стратег Александар Радосављевиќ е именуван за нов шеф на стручниот штаб на суперлигашот МРК Куманово, соопшти клубот.

Радосављевиќ во Куманово доаѓа со богато тренерско искуство, а негов последен ангажман беше на клупата на РК Леотар.

Во досегашната кариера има работено во повеќе клубови од регионот, меѓу кои МРК Горажџе, МРК Врање, МРК Металац Краљево, МРК Зајечар и МРК Железничар од Сараево.

Покрај машките екипи, новиот тренер на МРК Куманово има значаен ангажман и во женскиот ракомет, водејќи ги ЖРК Напредак, ЖРК Бамби Пожаревац и ЖРК Металац, а дел од неговото искуство е стекнато и во Грција, каде што беше тренер на Орми Патрас.

Во неговото професионално портфолио се вбројуваат и ангажмани во репрезентативниот ракомет.

Тој ја предводел женската јуниорска селекција на тогашната државна заедница Србија и Црна Гора, машката кадетска репрезентација на Србија, како и машката сениорска репрезентација на Босна и Херцеговина.

Од МРК Куманово очекуваат дека со доаѓањето на Радосављевиќ ќе се зајакне стручниот штаб и ќе се подигне квалитетот на играта и резултатите во претстојниот период.

Договорот меѓу двете страни е потпишан на период од две години.

Никола Ивановски