Територијалната противпожарна единица Куманово лажни имала 649 интервенции, покажа годишниот извештај презентиран денеска пред Советот на Општина Куманово.
Како што истакна командирот на единицата, Дејан Илиевски, дури 412 пожари биле на отворен простор.
– Имаме 92 интервенции на опожарени објекти, 31 на опожарени сообраќајни средства, 412 пожари на отворен простор и во категорија останато 114 каде се диви депонии, контејнери, дрвени електрични столбови и слично, инфмораше Илиевски.
Во пожарите лани имало тројца повредени граѓани, а едно лице го загубило животот.
Според проценките на ТППЕ Куманово, минатогодишните пожари предизвикале материјална штета во износ од 29,8 милиони денари односно скоро половина милион евра.
Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, вели дека овие бројки се алармантни ако се земе предвид дека споредбено со 2022 година, лани имало 307 пожари повеќе.
Извештајот покажува дека најголем дел од пожарите се случиле во август, септември и октомври, а најчесто опожарени се стрништа и обраснати треви.
Шокантен е податокот на пожарникарите дека дури 471 пожар биле со намера нешто да се запали.
– Бројката енормно расте, во споредба со 10 години мислам дека ова е бројка што е најалармантна. Во 2022 година имавме пожари низ цело Куманово, а оваа бројка е поголема и од таа, истакна Ѓорѓиевска.
ТППЕ Куманово работи само само 46 пожарникари, од кои еден заминал во пензија пред два месеци. Таа бројка според командирот Дејан Илиевски ќе биде задоволителна кога ќе се дојде до 70 вработени, оти покрај Куманово тие работат и во соседните општини.
– Законот кажува колку треба да бидеме. На 1.500 жители минимум треба еден професионален пожарникар. Лесно е за пресметување, што значи дека ни фалат луѓе и би било пожелно и добро ако дојдеме до 70 професионални пожарникари со што би биле побрзи и поекспедитивни во извршување на нашите работни задачи, посочи тој.
Иако лани добиле две нови возила, сепак возниот парк со кој располага ТППЕ Куманово има просечна старост од околу 30 години.
Никола Ивановски