Заштитата на Друзите во Сирија и нивните права е приоритет на сириските власти, изјави денес привремениот претседател на Сирија, Ахмед ал-Шара.
По вчерашните израелски напади врз југот на Сирија и воздушните напади врз Дамаск, тој им се обрати на граѓаните, нагласувајќи дека отфрла секаков обид за вовлекување на Сирија во војна, пренесува Ројтерс.
„Ние не сме меѓу оние кои се плашат од војна. Целиот живот се соочуваме со предизвици и го браниме нашиот народ, но ги ставаме интересите на Сиријците пред хаосот и уништувањето“, рече Ал Шара.
Тој додаде дека сирискиот народ не се плаши од војна и е подготвен да се бори ако му биде загрозено достоинството.
Во врска со конфликтот на југот на Сирија, Израел претходно вчера нападна неколку цели во Дамаск, вклучувајќи ја и зградата на Министерството за одбрана, а според информациите од сириското Министерство за здравство, тројца луѓе беа убиени, а 34 беа ранети.
Друзите и бедуините претходно три пати потпишаа примирје, но секој пат набрзо го прекршуваа и продолжуваа да се борат во градот Свеида, каде што мнозинството од населението се Друзи, пренесува Танјуг.