Најмалку 522 лица загинале за време на четиримесечните антивладини демонстрации во Иран, според извештајот објавен од американската агенција за човекови права (ХРАНА).
Меѓу загинатите има 70 малолетници и 68 припадници на безбедносните сили, јавува Радио Слободна Европа.
Околу 20.000 луѓе се уапсени, а 110 се соочуваат со обвиненија кои би можеле да доведат до смртна казна. Четири лица се веќе егзекутирани.
Демонстрациите во Иран ги поттикна смртта на 22-годишната Махса Амини, која беше уапсена од моралната полиција затоа што косата и висеше под шамијата, која е задолжителна во Иран.
Махса Амини почина на 16 септември 2022 година, три дена по нејзиното апсење.
Оттогаш, демонстрациите ескалираа во повици за соборување на иранските верски власти и претставуваат еден од најсериозните предизвици за нив од „Исламската револуција“ во 1979 година.