Гувернерот на сибирската област Кемерово, понудил на своите сограѓани со вишок килограми да им подари значајни количини јаглен, доколку успеат да ја „стеснат“ својата линија.
Арман Тулејев, гувернерот на Кемерово, облас богата со јаглен, дошол на интересна, но и навистина корисна идеја како да ги мотивира своите сограѓани со вишок килограми да ослабнат, па така како награда понудил тони јаглен за огрев.
На локалните службеници им рекол дека бил инспириран со слична кампања која пред неколку години била почната во Дубаи, каде властите на оние кои ќе испеат да ослабнат им подарувале злато.
Со јаглен ќе го плаќаме секој изгубен килограм и тоа не во грами или килограми, туку тони – изјавил Тулејев за агенцијата РИА.
Властите во Дубаи во 2013 година поделиле злато во вредност од 2,8 милиони дирхами *762,942 долари), откако ветиле дека ќе дадат по грам злато за секој изгубен килограм.
Русија е една од водечките извозници на јаглен во светот. Поголемиот дел од тој јаглен потекнува од рударските басени Кузбас во областа Кемерово.
Таа исто така, по Литванија е втората најдебела нација од сите поранешни советски држави, според податоците на Светската здравствена организација од 2014 година.
Треба да сфатиме дека на владата и се потребни здрави поединци – истакнал гувернерот на Кемерово.
Неговиот претставник за медиуми, Антон Горелкин изјавил дека Тулејев планира да организира и ријалити шоу кој ќе се прикажува на локалната телевизија и на која ќе се делат наградите во јаглен.
Учесниците ќе се борат со вишокот килограми и ќе учат за здравата исхрана, а победникот ќе освои награда – неколку тони првокласен јаглен – наведува Горелкин.
Како што пренесува АФП, Тулејев веќе се обидел да ги поттикне сограѓаните да внимаваат повеќе на својата линија така што во почетокот на оваа година подарил 5000 велосипеди и исто толку нордиски стапови за пешачење.
Но, овие повици во корист на здравата исхрана и редовните физички вежни многу не се однесуваат и на самиот Тулејев, кој, судејќи по неговиот изглед, очигледно ужива во високо калорична исхрана.