Со свој став, вчеравечер до редакцијата на Кумановски Муабети се јави Абедин Зимбери, поранеше пратеник од Општина Липково и командант во т.н ОНА.
Неговиот став го пренесуваме интегрално:
Ваквото идиотско однесување на власта кон луѓето кои сакаа само да протестираат за она што го слушнаа за убиството на младото момче е многу нормално. Но, не е нормално да се интервенира со таков насилнички стил на диктатор кој сака да си го штити задникот, изложувајќи ги на ризик полицајците кои се во служба на заштита на народот а не на диктаторот, односно да го тепа сопствениот народ за да го научи да молчи.
Нема веќе да се молчи. Доста од молк.
Во текот на овие тешки години, молчевме, трпевме сè и сешто, нè крадевте, нè убивавте, ни монтиравте разни случаи и ги полнивте затворите со невини луѓе, ни ги тепавте децата по автобуси, ни го потценувавте Куранот низ карневали, испраќавте националистички пароли на спортските натпревари, ни ја испразнивте државата, иселувајќи го народот од Македонија насекаде низ светот.
На крај му го свртевте грбот и на својот народ. Е тука е веќе крајот. Народот конечно сфати дека Албанците и Македонците не се криви за ништо, тие можат да живеат одлично, едни покрај други, и дека режимот е тој кој заслужува да биде казнет.
Иако неодамна сакавте пак да ни наместите меѓуетнички конфликт, но не Ви успеа. Тоа нема да и успее на ниедна идна вллада.
На 17 мај, сите заедно ќе излеземе мирно да протестираме, се надевам дека вчера само еден полицаец премина на страната на народот, а на 17-ти, сите полицајци ќе преминат на таа страна.
Македонија во 1990 година ја имаше шансата да биде демократска држава на сите граѓани, но не го направи тоа, Албанците тогаш и пружија рака на Македонија што потоа ни се врати со лошо, а тоа доведе и до конфликт. Албанците и после конфликтот прифатија договор кој не беше испочитуван докрај.
Сега Македонија ја има третата и последна шанса да опстане како држава, држава во која ќе биде прифатен граѓанскиот концепт, во кој сите ќе се чувствуваат еднакви пред Уставот и законите. Сите сме луѓе и сите имаме истите потреби. Сега е шанса сите заедно да градиме нова држава со нови демократски вредности.
Само заедно и рамноправни е единствениот спас на државата. Секој друг правец ќе нè води кон конфликти, сиромаштија и пропаст.
Со Господ напред, одиме кон победа.