Надлежните од кумановската библиотека постојано во текот на годината на различни начини ја популаризираат книгата меѓу кумановци.
Според стариот каталонски обичај, денеска кумановската библиотека „Тане Георгиевски” по повод Светскиот ден на книгата и авторското право на читателите им подари книга и цвет.
– 23 Април е Меѓународен ден на книгата и авторското право, кога традиционално се упатува порака од УНЕСКО, од генералниот директор, Одре Азуле но и од сите земји кои го одбележуваат овој ден. Оваа година македонската порака ја напиша Милчо Манчевски. Одбележувањето на 23 април е иницирано од УНЕСКО и на тој ден во целиот свет се поттикнуваат читањето, издавачката индустрија и заштитата на интелектуалната сопственост преку авторското право – изјави Марјан Петковски, директор на библиотека „Тане Георгиевски”.
Надлежните од кумановската библиотека постојано во текот на годината на различни начини ја популаризираат книгата меѓу кумановци. Оваа установа три пати годишно набавува книги од кои во два наврати белетристика и стручна литература, а еднаш годишно лектири за учениците.
Кумановската библиотека располага со книжен фонд од околу 220.000 книги. Околу 5.000 кумановци се редовни корисници и членови на библиотеката кои редовно зајмуваат книга. Дневно на двата оддели за возрасни и деца минуваат околу 250 читатели.
Најголем број од читателите се средношколци и студенти кои користат лектири и стручна литература, но значителен е процентот на кумановци од средната генерација кои зајмуваат белетристика, различни жанрови, љубовни, криминалистички, трилери, научна фантастика.