Шумите во селата Никуштак и Матејче горат веќе неколку дена, а непристапниот терен не им дозволува на кумановските пожарникари да се справат со огнената стихија.
Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи во атарот на селото Никуштак гори сува трева, деградирана и дабова шума и габер, а вчера во утринските часови 13 вработени во Шумско стопанство Куманово и 12 мештани ја продолжиле интервенцијата која беше прекината завчера пред заоѓањето на сонцето.
Во 10:30 долетал и авион на Дирекцијата за заштита и спасување кој во текот на денот имал осум налети за авионско гаснење, но сепак пожарот се уште е активен.
Од безбедносни причини вработените кои го гаснеле пожарот се повлекле од терен вчеравечер во 18 часот, а гаснењето продолжува денеска, за кога општина Липково повторно испратила барање за интервенција на авионите.
Пожар имало и во училиштето во селото Никуштак каде се запалил стиропор, па интервенирале тројца пожарникари од ТППЕ Куманово.
Шумски пожар вчера имало и во кумановското село Живиње каде гори нискостеблеста шума и сува трева. Тројца вработени во Шумско стопанство Куманово интервенирале на терен заедно со седуммина пожарникари од ТППЕ Куманово и пожарот бил ликвидиран.
Во населбата Железничка станица и месноста Романовски пат, вчера горела сува трева, но и двата пожари биле навремено изгаснати од кумановските пожарникари.