Шеесетина хектари висока дабова и нискостеблеста шума и сува трева изгореа во пожарот во атарот на селото Никуштак, кумановско, кој се уште не е изгаснат.
Како што информираат од Регионалниот центар за управување со кризи, откако завчера пожарот не беше изгаснат, во текот на вчерашниот ден интервенирале двата авиони на Дирекцијата за заштита и спасување кои заедно со 15 вработени во Шумско стопанство Куманово не успеале да се изборат со огнените јазици.
Поради безбедноста на вработените, лицата биле повлечени од терен околу 18 часот и со интервенција ќе се продолжи повторно во текот на денешниот ден.
Се уште активен е и големиот шумски пожар во атарот на селото Матејче, липковско.
Непристапниот терен не им дозволува на кумановските пожарникари да интервенираат, но тоа не значи дека немале работа. Вчера бележат вкупно шест интервенции на запалена сува трева.
Како што стои во извештајот на РЦУК; интервенции бележат во населбите Карпош и Перо Чичо, Булеварот „Октомвриска револуција“, ако и селата Романовце, Орашац и Липково.