Димитриевски најави помош за малиот Милош (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Малиот Милош од селото Живиње ќе ја добие сета потребна помош и поддршка, а ќе се направат напори за реконструкција на селскиот пат, за да момчето непречено посетува настава.

Градоначалникот на Општина Куманово во сабота го посети семејството трогнат по сторијата на ТВ 24, дека момчето со магаре патува со часови за да стигне на училиште.

Проблемите се долгогодишни и големи, напиша Димитриевски на социјалните мрежи, но сепак најави дека заедно со Општина Петровец проблемот ќе се реши.

– Во соработка со градоначалникот на Општина Петровец ќе го решаваме проблемот со превозот, семејството на Милош ќе добие дополнителни средства и во следниот период ќе го пробиеме и реконструираме селскиот пат Колидско – Живиње и воедно ќе ги репарираме најоштетените делови на патот Живиње – Сушица, напиша Димитриевски.

Но, патот до училиштето не е единствената мака за деветгодишниот Милош. Тој има направено и операција на срце, но поради тешката сиромаштија никогаш не успеал да направи лекарска контрола.

Димитриевски најави дека со бизнис заедницата ќе се упати дополнителна материјална помош за семејството со цел да им се подобрат условите за живот.

Инаку селото Живиње се наоѓа во долината помеѓу Куманово и Скопје, а ингеренција за него делат општините Куманово и Петровец.

Leave a Reply