Триесетина паркинг места повеќе ќе се добијат со монтажната катна гаража пред Центарот за култура во Куманово, каде што градежните активности се во тек, рече денеска на 23. седница на Советот, директорот на ЈП „Куманово паркинг“, Фадиљ Шабани.
Дополнителни 40 до 60 паркинг места ќе обезбеди и паркингот кај Централна кооперативна банка во следните 30 дена, рече Шабани одговарајаќи на прашањата на советниците.
По пофалбите за одлично сработениот годишен извештај на претпријатието, опозицискиот советник Драган Петковски упати критика за монтажната гаража за чија ефективност изрази сомневање.
– За педесетина паркинг места, делот од прво ниво ќе бидат одземени за качување на монтажната гаража, од долу ќе бидат намалени, она што ќе се добие горе е вкупно 20 места повеќе што за нешто што се губи во центарот, простор на кој можеше да се паркираат и автобуси и големи возила, сега нема да можат, не знам колку ќе бидат ефектите од нешто вакво.
За директорот Шабани, целта е автобусите да не бидат во центарот на градот, а за проектот со катна гаража вели дека ќе биде успешен.
– Тоа ќе биде успешен проект, се знае дека центарот на градот не е за автобуси и главна цел е центарот на градот да биде ослободен и автобусите ќе имаат друго место за паркирање, како спортската сала и другите места. Центарот на градот треба да се растерети од сообраќајот и наша цел е токму тоа, изјави Шабани.
Во изминатата година 38 отсто од приходите оваа претпријатие ги остварило од пајак службата и зонското паркирање, а бележи и добивка во своето работење.

