Во Куманово одбележан денот на Првиот механизиран пешадиски баталјон (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Во кумановската касарна „Боро Менков“ денеска со воена свеченост беше одбележан Денот на Првиот механизиран пешадиски баталјон, ден кога е формирана и Третата Македонска Ударна Бригада во селото Жегљане во 1944 година.

Во рамките на одбележувањето на настанот припадниците на АРМ продефилираа низ кругот на касарната, а беше изложено и дел од воена опрема и оружје со кое располага единицата.

На прославата зборуваше командантот на Првиот механизиран пешадиски баталјон потполковник Стојанче Костов кој истакна дека денеска единицата е воена сила достојна за почит, која има учествувано во повеќе вежбовни активности во земјата и странство.

– Во изминатата година баталјонот учествуваше на повеќе мировни мисии во земјата и странство и покажа високо ниво на обученост и извежбаност во извршување на борбените задачи во сите временски и теренски услови и во согласност со стандардите на НАТО. За покажаните резултати во обуката и високиот степен на борбена готовност на 1.МПБ му е доделен Орден за заслуги од страна на претседателот на Републиката и врховен командант Ѓорге Иванов на одбележувањето на Денот на армијата, рече потполковник Костов.

Како што додаде командантот Костов во јуни и јули заедно со партнерите од САД ќе се реализира вежбата „Одлучен удар 19“, една од најголемите вежби организирана и реализирана на Криволак.

Командантот на Првата механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски во своето обраќање рече дека претстојат големи предизвици, како што е трансформацијата на армијата според новата организациско – трансформациска структура што подразбира интензивирање на реформите.

– Пред нас е и организацијата и учество во најголемата меѓународна вежба во историјата на АРМ во која покрај Армијата на САД, најбројни ќе бидете вие, припадниците на механизираниот пешадиски баталјон. Со беспрекорната реализација на вежбата, но и успешното извршување на задачите кои се пред нас, како и до сега, треба да ве водат неизмерниот патриотизам, професионализмот, храброста и високиот морал. Верувам дека во наредниот период, покрај предизвиците поврзани со реализацијата на големиот број на задачи, ќе направиме и конкретен исчекор кон подобрувањето на стандардот на персоналот и условите за живот и работа, рече бригадниот генерал Ѓоргоски.

На прославата присуствуваа и високи претставници на АРМ, преставници од државна управа, јавните установи и служби, градоначалниците и преставниците на единицате на локалната самоуправа, бизнис секторот и  соработниците на Армијата.

На денешната свеченост беа прочитани телеграми со честитки по повод денот на Денот на единицата, беа унапредени, пофалени и наградени припадници на единицата, беше прогласен најдобар вод и беа доделни награди за соработка со медиумите и ЈП „Македонија пат“.

Повеќе фотографии од свеченоста во текот на денот на нашиот Инстаграм профил.

https://www.instagram.com/p/BuWLmqCl7r7/

Leave a Reply