Министерството за труд и социјална политика ги одзеде ингеренциите за управување со градинките на Општина Куманово заради непочитување на одредбите од Законот за заштита на децата, стои во реакцијата на МТСП по денешната прес конференција на градоначалникот Димитриевски кој ја повика министерката Мила Царовска да ја повлече одлуката за одземените ингеренции за детската градинка „Ангел Шајче“.
-Оваа одлука е донесена откако при вршење на надзор на работата беа утврдени недостатоци во спроведувањето на постапката за распишување на оглас за директор на детски градинки. На градоначалникот му беше дадено укажување со утврден рок за отстранување на неправилностите, преку уредно примен допис на 4.01.2019 година. Откако градоначалникот не постапи според даденото укажување, Министерството за труд и социјална политика ги презема ингеренциите за управување со градинките на период од 1 година, согласно членот 201 од Законот за заштита на децата, велат од МТСП.
Освен на Куманово ингеренциите по истата основа пред околу еден месец се одзеземни и на Општина Струга.
Постапка за одземање на ингеренциите во двете општини, како што додаваат од министерството е водена целосно согласно законските прописи и нема никаква основа за преиспитување на овие одлуки. Целта на ваквото постапување е да се овозможи непречено работење на градинките и да се гарантира квалитетна грижа за децата.
