Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски денеска ги врачи признанијата на најдобриот полициски службеник, како и најдобриот пожарникар во градот за 2018 година.
За најдобар вработен во Секторот за внатрешни работи Куманово, по предлог на своите колеги е избран Аслан Аети, полициски службеник од Полициска станица за безбедност при сообраќајот, додека за најдобар вработен во Територијалната против пожарна единица е прогласен Сашо Илиевски.
Со градоначалникот го испија заедничко кафе, а како награда симболично во знак на благодарност им беа врачени подароци.
Полицискиот службеник Аети, зад себе има 15 години работен стаж, од кои 10 години во Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај.
– Пред се би сакал да се заблагодарам на сите мои колеги бидејќи оваа заслуга не е само моја, туку заслуга на сите колеги од мојата организациона единица и чувството е пракрасно, истото ќе биде потик за моите понатамошни работни задачи и истото најдобро ќе го почувствуваат граѓаните на Општина Куманово, изјави Аети.
Сашо Илиевски годинава се покажа како исклучително храбар пожарникар, кој жртвувајќи го својот живот, заедно со колегите спасуваше објекти и луѓе при различни незгоди.
– Чувоството е прекрасно, благодарност и до градоначалникот, до моите колеги, до мојот командир на единица, што ми дадоа вакво признание. Јас се надевам дека со мојата работа и посветеност оваа година ги оправдав очекувањата. Исто така можам да кажам дека сето тоа не ќе беше постигнато да не беа моите колеги, бидејќи пожарникарството е хумана работа, работиме во тим, секој од секого зависиме и со помош на командирот на единицата кој знае како да не екипира и вежба. Исто така признание и до моето одделение и колегите кои помогнаа да можам да го добијам оваа признание, изјави Илиевски.
Инаку оваа традиционално наградување се одржува веќе 14-та година по ред и истото ќе продолжи за да им се одаде признание на оние кои се грижат за безбедноста на граѓаните на Куманово.