Локалниот огранок на Левица од Куманово преку соопштение ги повика граѓаните во сабота во 12 часот да излезат и да го поддржат мирниот протест со кој ќе се бара властите да преземат итни мерки за намалување на аерозагаденоста.
– Ги повикуваме сите граѓани на Куманово масовно да излезат на овој мирен протест и да пратат јасна порака до градоначалникот и Советот на општина Куманово, како и до Владата на Република Македонија дека овој проблем мора под итно да се реши. Членови на Левица ќе учествуваат индивидуално на протестот, а како партија ќе ги искористиме сите демократски и институционални механизми за да извршиме притисок врз локалната власт итно да го спречи загадувањето, велат од Левица.
Неспособност, неодговорност и несериозност покажа актуелната локална власт во Кумановов о справувањето со проблемот со загаденоста на воздухот, стои во соопштението на Локалниот огранок на партијата.
Од таму додаваат дека проблемот со аерозагаденоста се провлекува со години, затоа што истиот бара третирање во целата година, а не само во зима.
– Здравјето на граѓаните и чистата животната средина не се нешта коишто можат да почекаат некоја декада, како што е во предизборната програма на градоначалникот, во која се содржани непрецизни, несуштински и ошти ветувања. Затоа ги советуваме градоначалникот и Советот на општина Куманово да консултираат експерти во оваа област со цел да предземат итни мерки за да го спречат загадувањето, пишува во соопштението на Левица.