ЈП „Чистота и зеленило“ со долг од 270 милиони денари
On:
Сподели со своите пријатели
Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ иако бележи добивка од 6,8 милиони денари во периодот јули – септември 2018 година, сепак остануваат да се провлекуваат старите долгови кои заедно со камати изнесуваат околу 270 милиони денари.
Како што потенцираше директорот Даниел Стојчевски добивката е само на хартија, а побарувањата кои се провлекуваат со години се спорни и нереални.
– Во наредниот период јавното претпријатие ќе влезе во една фаза на отпис на овие побарувања кои што реално не можат да бидат наплатени и ќе направиме еден извештај кој ќе го доставиме до Советот на Општина Куманово кој ќе биде ставен на разгледување во наредниот период и ќе барам еден приказ на реалната состојба во која се наоѓа јавното претпријатие. За долгот кој што го имаме кон УЈП, кој изнесува 44 милиони денари за кој имаме спогодба за исплаќање на рати, ние овој долг го исплаќаме согласно нашите можности и она што морам да го констатирам со жалење е што каматата за овој долг постојано расте и во моментов изнесува 65 милиони денари. Да бидеме реални за да го вратиме овој долг состојбата во јавното претпријатие ќе мора значително да се подобри односно да ги подобриме приходите во самото јавно претпријатие, рече Стојчевски.
Парастос салата со која располага оваа јавно претпријатие е имот даден како гарант кон УЈП дека долгот ќе биде платен. Во меѓувреме беше одлучено истата да се издаде под закуп и со одобрение од Управата за јавни приходи најден е концесионер и средствата од нејзиното издавање ќе се уплаќаат за сервисирање на долгот.
– Јавното претпријатие во следниот период ќе мора да влезе во една фаза на разгледување на задолжувањето на сметките или задолжувањата кон граѓаните што го имаме. Наплатата во моментов се движи над 80 проценти и сум задоволен од наплатата, меѓутоа сметам дека треба да бидат направени дополнителни анализи во однос на задолжувањето на самите граѓани, односно колку е износот реален кој што треба да го плаќаат граѓаните и дали тие реално го плаќаат, како граѓаните, така и правните лица, рече директорот Стојчевски.
Едно од главните заложби на претпријатието како што посочи директорот Стојчевски на последната седница на Советот, ќе биде уредувањето на јавните површини во градот.
– Веќе влеговме во една таква фаза и зелените појаси долж улицата „11 Октомври“ веќе се при крај и во финална фаза со реконструкција на насадите и поставување на нова трева. Влеговме во работа и на појасот на булеварот „Октомвриска револуција“, редовно ги уредуваме двата градски плоштади, односно зеленилото на двата градски плоштада. Интенцијата на јавното претпријатие ќе биде да продолжиме со оваа темпо во нареден период како и заедно во соработка со Општина Куманово ќе се обидеме да создадеме и нови зелени површини, додае Стојчевски.
Доколку има зголемен обем на работа, како што посочи директорот Даниел Стојчевски, ќе се ангажираат и дополнителни лица за одржување на хигиената во градот.