На граничниот премин Табановце автопат бил спречен обид за излез од државата на тројца илегални мигранти, информираат од Царинската упвата на Република Македонија.
Италијански државјанин, управувајќи камион со италијански регистарски таблички, натоварен со садови под притисок наполнети со фреон со потекло од Грција, наменети за увозник од Италија, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Веднаш при пристигнувањето на преминот, возачот пријавил кај царинските и полициските службеници, дека во товарниот дел приметил нешто сомнително откако одмарал во близина на граничниот премин Богородица.
При контрола на камионот, помеѓу садовите со фреон, биле пронајдени три лица без документи, кои според сопствените изјави биле државјани на Пакистан и Авганистан.
Илегалните мигранти, како што додаваат од ЦУРМ, биле предадени на полициските службеници од преминот за понатамошна постапка.