Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово утре започнува 21то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“.

Манифестацијата ќе се отвори со претставата на Драмски театар Скопје, „Како да се ограби банка“ во 20 часот. Ќе бидат играни вкупно 14 претстави од театри од Македонија, Србија, Албанија, Бугарија и Ерменија, за која засега интересот е најслаб.
– Оваа година имаме и една претстава која ќе оди на ромски јазик, тоа е еден новитет тука за овој фестивал. Претставата од Ерменија ќе биде на ерменски јазик, меѓутоа ќе имаме титл и затоа ги повикувам гледачите да дојдат на таа претставата, добра комедија е, а титлот ќе биде обезбеден, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“.
Традиционално „Деновите на комедијата“ ќе ги затвори претставата на кумановскиот театар насловена како „Мани, мани, мани“ која ќе биде премиерно играна на 18ти месецов со почеток во 20 часот.
– Комедијата „Мани, мани, мани“ е во режија на Бојана Краљевска и актерот Горан Илиќ. Играат седум актери: Марко Трајковиќ, Сања Русевска, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички, Јасмина Василева, Нина Максимова и Мирослав Петковиќ, вели продуцентот на Театар Куманово, Симона Тоскиќ.
Фестивалот е со покривителство од Министерството за култура со 800.000 денари и Општина Куманово со 300.000 денари финансиска помош.


