Вториот кумановски партизански одред

Сподели со своите пријатели

Напоредно со останатите партиски организации во Македонија и кумановската партиска организација презеде мерки комунистите од кумановскиот крај да станат иницијатори и носители за организирање на народното востаните против бугарските окупатори.

Со подготовките за организирање на Вториот кумановски партизански одред се започна кога партиската организација во Куманово прими писмо од Светозар Вукмановиќ – Темпо, упатено „До сите организации и членови на КПЈ во Македонија“, кое стави крај на сите опортунистички гледишта дека Македонија нема услови за вооружена борба против окупаторот.

Откако се прими писмото, во втората половина на март, организирана беше неговата разработка и проучување, со сите членови на КЈП и најактивните членови на СКОЈ. Проучување на писмото се одвиваше несметано, иако во ова време кумановската партиска организација остана без местен комитет, кој, поради провалата во февруари 1943 година, беше уапсен. За да се отстранат лшите последици од тоа што партиската организација остана без раководство со неа, од втората половина на март 1943 година, раководеше Панче Пешев, кој се до формирањето на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија беше член на ПК за Македонија.

Во текот на проучувањето на писмото напоредно беа вршени подготовки за организирање на Вториот кумановски партизански одред. Со сите подготовки раководеш Панче Пешев. Живеејќи во илегални услови тој во духот на Писмото им поставуваше конкретни задачи на одделните партиски активисти и секретарите на партиските и скоевски ќелии. Во работата околу организирањето на одредот активно учествуваа Христијан Тодоровски – Карпош, Методи Антов – Тоте и други активисти.

Основната пречка за брзото излегување на одредот беше недостаток на оружје и муниција. Затоа една од основните задачи, покрај она да се агитира за излегување во партизани, беше и задачата да се собира оружје и муниција. Треба отворено да се признае дека во текот на парил, мај и јуни едвај се успеа, со големи напори и ризикување, да се соберат шест пушки, од кои едната не беше исправна. При самото собирање на оружјето се наиде на тешкотии сврзани со купувањето на пушки и набавка на друг материјал. За ова беа потребни пари и организацијата успеа да ги собере. Разновидната активност на партиската организација сепак води со плод, кон средината на јуни 1943 година се располагаше со шест пушки, шест бомби, четири пиштоли и доста патрони за пушките.

Додека се прибираше оружјето и муницијата, се изврши проверка кој од другарите изјавува желба да стапи во партизани. За излегувањето се јавија вкупно единаесет другари, не земајќи го обѕир другарите активисти што останаа во градот, кои од своја страна исто така изјавија желба да тргнат в партизани.

Од април 1943 година, врањската партиска организација, преку врска, постојано ја известуваше кумановската организација дека во наредните месеци на Козјак ќе пристигне II јужноморавски партизански одред. Идните кумановски партизани за да стекнат што побргу искуство за партизански начин на војување, Панче Пешев реши сите другари, ои ќе излезат во партизани, да стапат во Вториот јужноморавски одред. Бидејќи бавно одеше со прибирање на оружјето, подготовките не можеа да бидат бргу завршени.

Околу 20 јуни се доби известување дека Вториот јужноморавски одред пристигнал во реонот источно од Врање и дека, доколку е завршено со подготовките, треба да се јави за да се воспостави навреме врска со одредот. Иако можеше уште некој од другарите да се јави, во случај да се одложеше со подготовките, Панче реши да излезе првата група, што беше составена од другарите кои меѓу првите се изјаснија за излегување.

На 24 јуни 1943 година, Панче Пешев реши од Куманово да се излезе утредента навечер. На 25 јуни наутро известени беа сите другари, кои се јавија за тргнување во партизани. Беше решено да се излезе во две групи. За собирно место беа одредени две бавчи. Овие две групи имаа за задача да се состанат во определено време истиот ден вечерта, во месноста „Војна болница“, 1,5 километри источно од Куманово.

Попладне истиот ден бугарскиот гарнизон од Куманово излезе од градот на ноќна вежба кон село Тромеѓе и споменикот Зебрњак. Бидејќи ова излегување на бугарската војска беше во насока на состанокот на двете групи, а за да се избегнат било какви непожелни последици, Панче Пешев реши излегување да се одложи за идниот ден во исто време и на исто место, за што итно беа известени другарите од втората група која ја раководеше Карпош.

Вечерта на 26 јуни од Куманово излегоа единаесет партизани. Двете групи не се состанаа на определеното место, иако беше договорено да се чека до 22 часот. Карпошовата група, вооружена само со една пушка, две бомби и нешто муниција, стигна прва, но бидејќи на Карпош не му беше соопштено за насоката на движењето, тој, по чекање до определеното време, со својата група се упати кон планината Козјак.

Втората група задоцни околу половина час и не наидувајќи  Карпоша, го продолжи патот во насока на „Војна болница“ – село Долно Којрнаре и по комуникацијата Куманово – Прешево во мугрите стина во реонот на село братоселци, близу Билјача и тука до самиот пат го мина целиот ден во едно конопиште. Околу 15 часот дента нашата врска не извести дека Вториот јужноморавски одред стигнал во близина на село Братоселци и дека можеме да стапиме во врска со него. Во првиот самрак стапивме во состав на одредот како негова четврта десетина. Истио ден вечерта јадрото на идниот Кумановски одред го доби своето прво огнено крштевање во нападот на железничката линија северно од железничката станица Букоровец, а во зората на 28 јуни учествуваа и во нападот на постројките на рудникот за хромна руда Трнава.

Во состав на Вториот јужноморавски одред кумановските партизани останаа се до крајот на август 1943 година, кога под командата на Христијан Тодоровски Карпош, пристигнаа на Козјак и успеа за кратко време да го разгорат народното востание во Кумановско.

Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дитигализација на „Наш весник“
Автор: Дане Цеков
Извор: „Наш весник“ број 17 (петок, 1 јули 1962. година)

Leave a Reply