Едно лице приведено за вандализирање на штабовите на СДСМ во Куманово

Сподели со своите пријатели

Триесет и четири годишниот Д. С. денеска оштети два штаба на Социјалдемократскиот сојуз.

Среде бел ден оштетен е штабот кој се наоѓа во центарот на градот, поточно во зградата на поранешен Комитет. Настанот како што информираат од полицијата се случил денеска околу 10:40 часот.

– Денеска околу 10.40 часот во Полициската станица Куманово биле пријавени оштетувања на два штаба на политичката партија СДСМ во Куманово на улица „Тоде Мендол“ и улица „Илинденска“. Според пријавата, на двете локации биле искршени по три прозорци. Во врска со настанот, приведен е 34-годишниот Д.С. од Куманово, велат од полицијата.

Според очевидците непознато машко лице излегло од автомобил и со безбол палка удрило врз фотографијата на градоначалникот Максим Димитриевски на штабот кој се наоѓа во зградата на поранешен комитет.

– Инцидентот е пријавен уредно во полиција, оставам на надлежните органи да го откријат сторителот и да одговара за она што го има направено, изјави Димитриевски.

Партиските простории во центарот на градот беа користени за време на кампањата на последните локални избори, а од пред неколку месеци партијата го изнајми како магацин за просториите на угостителски објект.

Инаку неодамна токму овој штаб беше цел на препукување на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата обвинуваа дека СДСМ просторијата ја издала на приватен субјект, иако целата зграда на поранешен комитет е во сопственост на Република Македонија, а со право на користење на Општина Куманово.

Leave a Reply