Со магионичарски трикови, илузионистот Кристиан Шопов денеска ги едуцираше основците од шест до 10-годишна возраст во повеќе кумановски училишта. Со петнаесетина трикови децата се стекнаа со знаење за рециклирање, реупотребување и редуцирање на отпадот.

Проектот го спроведува компанијата „Пакомак“ со магичното шоу на Шопов преку кое до најмалите испратија пораки за зачаувување на животната средина.
– Овие дечиња овде денеска ќе имаат можност да научат во која боја на канта каков отпад треба да фрлаат, односно дека хартијата ја фрлаат во сина канта, стаклото во зелената и пластиката во жолтата, се со цел да можеме да направиме отпадот да исчезне, односно да може да го селектираме и од нешто старо да направиме нешто ново. Децата на интерактивен начин подобро учат и подобро ја помнат содржината на пораките кои што ги пренесуваме кон нив, исто така спроведовме и анкета каде што ги анкетиравме децата преку истражување и видовме какво е познавањето на децата во која канта каков отпад се фрла пред претставата и по претставата и резултатите покажаа дека децата научиле многу повеќе и дека знаењето подобрило, изјави Шопов.

Над 14.000 деца од педесетина училишта во Скопје имале можност веќе да ја видат претставата, а оваа недела шоуто на Шопов ќе го погледнат и сите основци од Куманово, како дел од караванот кој оваа учебна година ќе опфати девет градови.

Чувството е волшебно кога задоволството и корисното ќе се спојат заедно и на тој начин ќе се едуцираат децата, додаде илузионистот Шопов.
– Гледам како преку мојата најголема љубов, односно илузионизмот можам да допринесам не само децата да се забавуваат, туку и да се едуцираат за нешто од што идните генерации, односно тие ќе имаат бенефит во иднина, односно како да создадеме почиста животна средина за сите, додава тој.


