Текст, фото и видео: Влада на Република Македонија
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев присуствуваше на традиционалната манифестација во Мостар, Mostar Peace Connection, на којашто имаше свое обраќање како минатогодишен добитник на наградата „Мостарска повелба за мир“, за промоција на соработката, градењето мостови и поврзување меѓу луѓето во својата земја, Македонија, регионот и светот.
Премиерот Заев им честиташе на овогодинешните добитници на наградата, премиерот на Грција, Алексис Ципрас и на Црна Гора, Душко Марковиќ, посочи дека успесите на Македонија се должат на неговото храбро лидерство, но и на пријателската соработка во регионот и принципиелната поставеност на меѓународната заедница што резултираше со покана за пристапни преговори на нашата држава во НАТО и најава за датум за преговори со ЕУ во јуни 2019 година.
Во обраќањето пред бројните присутни, сегашни и поранешни добитници на оваа значајна награда што се доделува симболично пред обновениот Стар мост во Мостар, лауреати, политичари, значајни личности кои дале придонес во промоцијата на мирот од БИХ, регионот и пошироко, пред бројните присутни премиерот Заев рече:
„Честитки мои драги пријатели Алексис и Душко! Честитки и за другите лауреати и добитници!
Во градот на победата на мирот над немирите, соживотот над поделбите, градот – мост на бројни, цврсти, светски пријателства, во убавиот Мостар, да се добие награда за придонес кон мирот, поврзувањето и меѓусебното почитување, „Мостарската повелба за мирот“ – тоа е огромна заслужена чест. Ќе додадам, и огромна одговорност, да се остане достоинствен претставник на овие вредности.
И да се биде дел од оваа значајна манифестација, драг Денис Звиздиќ, претседавач со Советот на министри на БИХ, почитувани организатори од Центарот за мир и мултиетничка соработка и почитувани граѓани на Мостар и на Босна и Херцеговина, е исто така огромна чест и огромна одговорност за сите нас кои сме присутни вечерва овде.