Под мотото „Летувај не летај“ од денеска започнува да се реализира кампањата за зајакнување на безбедноста во сообраќајот, во соработка на Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишата, а првиот човекот на полицијата Оливер Спасовски, денеска лично на граничниот премин Табановце на возачите им ги подели првите флаери.
Целта на ваквата акција според Спасовски е да се зајакне безбедноста на патиштата, затоа што статистиката покажала дека во јули и август обично се случуваат најмногу сообраќајни несреќи.
Loading...
Флаерите на граничните премини ќе ги делат припадниците на полицијата, додека на патарините ќе ги дели РСБСП.
– Сите заедно треба да допринесеме да има ред во сообраќајот, да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, бидејќи тоа е заштита на секој граѓанин, тоа е намалување на сообраќајни незгоди и намалување на бројот на жртвите и затоа ги повикувам сите граѓани на Република Македонија, но и сите кои транзитираат низ Македонија да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да мислат дека се со нивните семејства и деца, и да уживаат во летувањето, а не да летаат по патиштата, изјави министерот Спасовски.
Вакви кампањи како што посочи Спасовски се работат и низ градските средини од страна на Советот за превенција кои се активирани во сите општини во локалните самоуправи кои работат со сите општествени фактори.
– Нашата цел е преку оваа кампања да имаме намалување на сообраќајните незгоди и почитување на сообраќајните правила и прописи, резултатот ќе го видиме по спроведувањето на кампњата, бројките се движат колку и минатата година, меѓутоа се гледа дека има тенденција на намалување на сообраќајните прекршоци, пред се во градските средини, благодарение на големите контроли кои се воспоставени од страна на МВР, вели Спасовски.
Loading...
Зајакнатите полициски контроли ќе продолжат низ целото лето, а Спасовски апелираше граѓаните да се однесуваат одговорно, затоа што можат да загрозат нечиј живот во сообраќајот.