Започна практичната имплементација на персонална асистенција за лица со попреченост. 92 невработени лица добија сертификати за персонални асистенти на лица со попреченост преку обуката што ја организираше Министерството за труд и социјална политика во соработка со Агенцијата за вработување и Црвениот крст на Македонија.
Владата на Р. Македонија во март годинава ја усвои Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2018 година, чија цел е да придонесе за независно и самостојно живеење на лицата со попреченост, како и за нивно активно и рамноправно учество во заедницата и општеството. Со оваа програма освен што им се помага на лицата со попреченост, се обезбедува и работа за 92 невработени лица.
“Денеска со доделувањето на сертификатите, заокружуваме една многу важна активност. Со воведување на програмата за персоналната асистенција одговараме и ги исполнуваме долгогодишните барања на лицата со попреченост за ваков индивидуализиран тип на сервис. Услугата која ја нудат асистентите ќе биде во делот на извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, помош при образованието и работењето и други активности, кои лице без попреченост вообичаено би ги извршило без ничија помош „ рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која во владата свечено им ги додели сертификатите на обучените персонални асистенти .


