„На мое големо задоволство менаџментот на ‘Дура аутомотив системс’ ги препозна неколкуте клучни придобивки поради кои Македонија е првиот избор за поддршка на нивниот раст во Европа – технички способната работна сила, добрата инфраструктура и силната поддршка за странски инвестиции. Сето тоа, заедно со остварениот прогрес во евроатланските интеграции, бизнис ориентираната клима и мерките кои ги креиравме со Планот за економски раст и Законот за финансиска поддршка на инвестиции се пoказатели дека сме на вистинскиот пат и градиме економија која ќе продуцира нови работни места, поголема ефикасност, продуктивност и конкурентност на компаниите, зголемување на извозот и пораст на инвестициите, кон крајната цел – повисок животен стандард и подобар живот за нашите граѓани“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши на свеченото отпочнување на проектот на американската компанија DURA Automotive Systems, која е глобален снабдувач на оригинални компоненти за најреномираните производители на автомобили ширум светот. Новата фабрика во Македонија, која се очекува да отпочне со работа за една година, ќе биде нивна 37-ма локација во светот и 16-та локација во Европа.
Министерот Бектеши потенцираше дека компаниите во зоните најмногу придонесуваат во извозот, па во првите пет месеци годинава извезле стоки во вредност од 942 милиони евра, што е раст од 14% во споредба со истиот период лани.
„Увозот од зоните во првото петомесечие од 2018-та изнесувал 805 милиони евра, што значи дека нето извозниот ефект од зоните во првите пет месеци годинава е 136 милиони евра. Од друга страна, влезот на ‘Дура’ уверен сум дека ќе значи и зајакната соработка со домашните деловни субјекти, со оние кои можат да одговорат со своите потенцијали за креирање нови производи и услуги и воведување нови технолошки процеси или преку снабдување со суровини, репроматеријали, полупроизводи или готови производи“, порача Бектеши.


