Ракометарите на Куманово со натпреварот против Тиквеш на гостински терен означија крај на овогодинешната сезона во Првата машка ракометна лига на Македонија.
Натпреварот од 26 коло кумановци го добија нерешено, и ставија крај на една турбулентна сезона исполнета со многу пресврти и тешка борба за подобар пласман.
Првиот дел од средбата доминираше домашниот состав, што го покажа и резултатот на полувреме кој гласеше 17:15 во корист на Тиквеш. Но, кумановци сакаа што подобар резултат во последниот меч и сепак веќе во вториот дел од мечот успешно реализираа повеќе погодоци, кои не беа доволни за победа, но по еден бод добија и двете екипи со нерешниот резултат 35:35.
Со осум постигнати погодоци најефикасен на натпреварот во составот на Куманово беше Стефан Стојковски, а со гол помалку мечот заврши за Давид Цветковски.
Кај составот на домаќините со по седум голови најдобра игра прикажаа Димовски и Минов.
Ракометниот клуб Куманово сезонава бележни 26 натпревари, во кои 7 пати успеа да се избори за победа, четири натпревари завршија со нерешен резултат, но бележи и 15 порази.
Оваа сезона кумановци ќе ја паметат по многу нешта, финансиски проблеми, казнети ракометари, промени на тренерската позиција, промени и во играчкиот состав, но кога се сака ракометот и градот клубот може да опстои. Иако во еден момент се откажаа од учеството во Првата лига поради финансиски проблеми, успешно го надминаа и тој предизвик и се вратија во игра. Не дозволија да згасне традицијата на кумановскиот машки ракомет кој влече корени децении наназад. Го обелија образот на клубот кој има постигнато купска титула.
Со надеж за подобра сезона од оваа есен, ракометарите заслужено заминуваат на годишните одмори.