Во дворот на Владата на Република Македонија, пред споменикот на ослободителите, премиерот Заев и министрите во владата, одржаа прес конференција по повод една година од работата на Владата на РМ.
Експозе за остварувањата на владата за изминатите 365 дена, пред медиумите и пред јавноста во Република Македонија имаше Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, кое во ова соопштение ви го пренесуваме во целост:
Со кренат глас, со одлучна акција и на избори, граѓаните на Македонија ја ослободија својата држава, која беше заробена од режимот што ја третираше како приватна сопственост.
Со ослободувањето на државата, заедно се вложивме да ја градиме Македонија таква каква што ја сакаме, веднаш, како земја за која копнееме. Затоа, во име на граѓаните на Република Македонија, се вложивме да направиме – промени!
Затоа денеска, една година подоцна велиме дека зад нас е: Една година промени – промени со кои Македонија ја градиме да биде земја за сите свои граѓани.
Ја кренавме Република Македонија како отворена, праведна, стабилна, земја на можности на пет столба. На столбовите за Економски раст, на столбот – Реформи, на столбот за Услужни институции, на столбот Едно општество за сите, и на столбот на нашите стратешки интереси – Членство во НАТО и Европската Унија.

365 промени во 365 дена, почитувани граѓани.
Го променивме економскиот курс на државата. Македонија е земја на економски раст и раст на плати. Повеќе пари одат кај граѓаните, за подобар живот. Спроведуваме коренити и брзи промени и на тој начин градиме држава по европски правила. Се грижиме, за да има квалитетни услуги достапни за сите граѓани, бидејќи секој во Македонија е важен. Носиме промени и ја градиме Македонија како едно општество, едно семејство за сите. Македонија е семејство во кое сите се граѓани од прв ред. Ама сите. И конечно, чекориме заедно и одлучно кон НАТО и ЕУ.
Решаваме спорови и при тоа го јакнеме идентитетот.
Промените ги започнавме со мерките од Планот за економски раст. Економски раст за подобар живот за сите. Приоритет што создаде услови за повисоки плати, повеќе пари за подобар живот.
Овие мерки добија приоритет затоа што граѓаните го бараа тоа од нас.
90 илјади граѓани денес земаат повисока минимална плата. Најмалку 2000 денари повеќе, секој месец. Просечната плата во Македонија е повисока за 5.6 отсто во споредба со истиот период лани.
Со мерките од Планот за економски раст, оваа, 2018 година, е година на финансиска стабилизација на земјата.
Во Буџетот за 2018 година определивме 3.1 милијарда денари за програмата за економски развој на земјата. Тоа претставува 46% повеќе од средствата за таа намена во однос на 2017 година.

Вкупниот буџет за мерките за поддршка на малите и средни претпријатија изнесува 645 милиони денари или 10,5 милиони евра.
Најавивме и остваривме промени и во делот на странските инвестиции: Обезбедивме 16 странски инвестиции од вкупно 200 милиони евра за една година. Предвидени се 2750 вработувања од овие 16 инвестиции. Потрошени се нула (0) денари пари на граѓаните. За претходните 11 години беа потрошени 250 милиони евра за 23 странски инвестиции.
Дополнително, соопштена ми е одлука за инвестиции од 100 милиони евра за стаклара во Република Македонија, следна одлука од 60 милиони евра за фабрика за ладно валање, и уште една инвестиција од 80 милиони евра за фабрика за цигари. Сите гринфилд инвестиции. Ќе има уште многу домашни и странски инвестиции во периодот што доаѓа пред нас.
Во реализацијата на оваа нова стратегија за раст на економијата свесни сме дека граѓаните се акционери на промените. Ним треба да им ги испорачаме резултатите!
А граѓаните ги чувствуваат промените, бидејќи ги враќаме парите, токму кај нив.
Постигната е највисока просечна откупна цена на тутунот од 217 денари по килограм на задоволство на 30.000 семејства кои живеат од тутунот. Тоа се повеќе од 100.000 граѓани.

Грозјето, индустриските и есенските и зимски култури лани поминаа добро и со пласман и со цените. Зелката, доматите, краставиците се продаваат по пристојни, задоволителни цени.
Задоволни се земјоделците многу повеќе од порано.
Земјоделството го правиме атрактивно и за младите. 424 млади земјоделци добија грантови од по 10.000 евра за да започнат сопствен агро-бизнис.
На сите земјоделци, на кои земјоделството им е основна дејност и имаат приход до 1 милион денари во тековната година, персоналниот данок ќе им биде во целост вратен.
Тоа значи дека речиси 65 илјади земјоделци добиваат поврат на персоналниот данок. Со оваа мерка околу 7 милиони евра повеќе пари ќе останат кај земјоделците.
Ние се определивме за реални проекти кои го подигаат растот, а не на проекти за споменици и фасади. И тоа е промена.
Се градат нови 800 километри брзи и безбедни патишта за кои се обезбедени 270 милиони евра. Коридорот 10 сега е целосен. Се градат железниците од Коридорот 8. Се одвиваат градежните работи за гасификацијата. Граѓаните од 34 општини ќе добијат водовод и канализација и со тоа покриваме 40% од населените места за разлика од досегашните 18%. Тоа е уште една суштинска промена.
Голем е бројот на мерки за промени. Не се добројува. Затоа, „365 промени за една година“ е документот на веб страната на Владата кој од денеска е пред нашата јавност како темелен извештај за едногодишната работа во интерес на граѓаните.
Првите значајни промени ги направивме со сеопфатните и структурни РЕФОРМИ. Според точно предвидениот тајм лајн. Спроведовме брзи и коренити промени – за држава по европски правила.
Оваа Влада се заложи својата работа да ја темели на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните.


