„Свесен сум што направив, но немам никаква одговорност, тоа беше израз на мојата душевна болка од сите овие години“, вели Мики Заовски, човекот кој викендов исцрта кукаст крст на споменикот на Јосип Броз Тито во Куманово.

Заовски вели дека како поединец го сторил фарбањето на споменикот, првин со спреј, но откако тоа не се познавало убаво, истиот го префарбал со црна фарба, затоа што како што вели ликот на Тито е црн самиот по себе.
– Јас тоа го направив како израз на мојата душевна болка, сите овие години кога ќе поминам и ќе го погледнам, доста беше време за молчење, знам дека имам многу истомисленици во Куманово и на Балканот, знам историски факт е дека тоа е агент на МИ6, англиската кралица на целиот свет, вели Заовски.

Шеесетгодишниот кумановец вели дека сите овие години не се свртело вниманието на тој споменик зошто стои на плоштадот во градот. За ликот и делото на Јосип Броз Тито вели дека е негативен историски лик за Македонија. За Куманово вели дека скоро 80 години е заробено од комунистите.
– Моето барање е веднаш да се отстрани и ако борците имаат смелост и храброст, во наводници ако се сега борци, ако јас имам 60 години од 1958 година, од 40-те се плус 18 години, тоа се осумдесетина години колку што е и заробен овој град од комунистите, преку Комунистичката партија на Македонија и Комунистичката партија за демократска преобразба, единствен случај во Европа дека толку има владеење на една партија преобразена. Тоа е партија на пеперутки, пеперутката каде ја носи ветерот, така и нивното раководство сега, од заев па до градоначалниците нивни, вели Заовски.

Уште во 1971 година, Мики Заовски со графити од ВМРО во центарот на Куманово ги налутил властите и бил приведен. Социјален случај е со сопруга која е технолошки вишок од кумановскиот тутунски комбинат. Започнал правни студии, но поради економски причини не успеал да ги заврши.
Со транспарент во рацете планот на Заовски беше да оди пред Општина Куманово и да бара телевизиски дуел со градоначалникот Максим Димитриевски, но во тој момент на градскиот плоштад додека зборуваше со медиумите се појавија двајца полициски службеници кои го легитимираа и побараа со нив да тргне на разговор во полициската станица.

Фарбачот на споменикот на Тито рече дека сам ќе оди да се пријави, па во придружба со полицискиот службеник пеш замина во СВР Куманово.


