Општина Старо Нагоричане за прв пат доби објект за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. Наменски адаптираниот простор се наоѓа во рамки на подрачното училиште во Младо Нагоричане, со површина од 91,7м2 и посебен влез. За градежно-занаетчиските работи и опремувањето МТСП обезбеди средства во износ од 3.001.780 денари. Отворањето на оваа градинка е резултат на меѓуопштинската соработка на локалните самоуправи на Куманово и Старо Нагоричане и таа ќе функционира во рамки на ЈОГД ,,Ангел Шајче’’- Куманово.

Министерката Царовска изрази задоволство поради реализација на напорите да се отворат градинки и во места каде што никогаш немало, а особено во рурални средини, кои беа неоправдано запоставувани во минатото. На овој начин, не само што се овозможува подобар раст и развој на децата, туку се поддржуваат и родителите, особено жените од овие средини, кои многу често се спречени да се вклучат на пазарот на труд, токму поради немање поддршка во грижата за децата.
На отворањето на градинката присуствуваа и вицепремиерот Оливер Спасовски, градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.


