Министерот без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за имплементација на стратегија за подобрување на состојба на Ромите во Македонија Аксел Ахмедовски денеска оствари средба со првиот човек на Општина Куманово Максим Димитриевски, локалната самоуправа и претставници од невладиниот сектор од ромската заедница. На средбата се разговараше за инфраструктурни проекти за делови од градот во кои живее претежно ромската заедница.
Како што истакна градоначалникот Димитриевски, на средбата се разговарало за сериозните проблеми кои ромската заедница ги има во Куманово, а воедно најави и три милиони денари од Владата на Република Македонија за решавање на одреден проблем од инфраструктурата.
– Тоа се елементарните услови за секојдневно живеење и функционирање, првенствено проблемите доаѓаат поради неизградена инфраструктура и нормално поради нискиот социо-економски статус на оваа заедница во нашиот град. Во следниот период со заеднички сили на општината, помогната од Владата на Република Македонија, ќе се обидеме да решиме некои инфраструктурни проекти, веќе добивме ветување дека до крајот на овој месец ќе треба да аплицираме со конкретен градежен проект и Владата ќе даде поддршка во износ од 3 милиони денари за решавање на еден или повеќе инфраструктурни проекти во деловите на градот каде што живее ромската етничка заедница, изјави градоначалникот Димитриевски.

Министерот Ахмедовски, кој воедно е национален координатор за спроведување на стратегијата за Роми 2014-2020 за подобрување на состојбата на Ромите, вели дека годинава стратегијата ќе се фокусира на домувањето, односно решавање на проблеми од инфраструктурен карактер. Во Министерството за транспорт и врски веќе се наоѓаат средства за повеќе проекти.
– Со наша координација овие средства треба да ги распределиме до сите општини во Република Македонија, каде што има значителен број на ромско население. Очекувањата од кабинетот кој што го раководам се многу големи, но морам да укажам на фактот дека средствата со кои што располагам за распределување на темата за која што разговараме не се многу големи, меѓутоа истите ќе бидат еден доволен импулс за во иднина да бидат решавани проблемите со кои се соочува населението од ромската популација, изјави министерот Ахмедовски.


