Одлука за санација на мостот на Крива река во селото Довезенце денеска на шестата седница на Советот на Општина Куманово предложи советникот од опозицијата Зоран Петрушевски, меѓутоа советниците не го изгласаа неговиот предлог.
Долга беше расправата помеѓу советниците на темата дали треба оваа точка воопшто да се најде на дневен ред. Петрушевски точката ја објасни како барање на мештаните кое трае веќе подолг период, а е од витално значење за нормалниот живот на тамошното население.
– Мостот се наоѓа на Крива река и го дели селото Довезенце на два дела. Пред некое време по наодаѓањето на реката по врнежите, жителите од едниот крај на селото беа отсечени целосно, откако мостот беше целосно прекриен со вода. Тие што се од другата страна немаат пристап ниту до другите села, тоа е единствен пат кој го имаат. Мојот предлог не се однесува на изградба на нов мост, туку само на санација на веќе постоечкиот, рече Петрушевски.

Раководителот на Секторот за урбанизам при Општина Куманово, Лидија Ланг Спасовска посочи дека иницијативата ќе биде разгледана и дека нема потреба да се гласа таква одлука.
– Иницијативата ќе биде прифатена по поднесеното барање, ќе формираме увидна комисија која ќе излезе на терен и ќе направи проценка, ако има реална потреба за мештаните мостот ќе се санира. Постапката е долга, рече Ланг Спасовска.


