Прославениот кошаркарски репрезентативец Владо Илиевски, минатата година ја заврши својата блескава речиси 20-годишна кариера, во која настапуваше за редица познати европски клубови: Тау Керамика, Барселона, Ефес Пилсен, Монтепаски, Олимпија, Партизан и Цибона, за пред неколку месеци патиките да ги закачи на ѕид во дресот на Работнички. Пред неколку месеци се одлучи да се испроба и во функционерските води, вклучувајќи се во трката за нов предводник на македонската кошарка, како претседател на Кошаркарската федерација на Македонија. Меѓутоа, на вонредното собрание на КФМ, во неделата, Илиевски тесно загуби од старо-новиот претседател Петар Наумовски и веднаш, како и други клубови од земјата, ја оспори победата на противкандидатот.
Илиевски во интервју за МИА зборува за „поразот“, за поделбите и генерално за состојбата во мак-кошарката, која, според него, вооопшто не е розова, за иднината и визијата за кошарката во Македонија…
Пред Изборното собрание на МКФ одржано во неделата, бевте најавуван како иден прв човек на мак-баскетот, но тоа не се случи. Излеговте со соопштение дека не ги признавате резултатите од гласањето. Што се случи на тоа Собрание и каде ја загубивтe битката со актуелниот претседател Петар Наумоски?
– Ќе изгуби на долг рок македонската кошарката, а не Владо Илиевски. Јас во секој случај сум победник, отворив многу прашања, дадов визија, внесов позитивна енергија, нешто што веќе одамна фали. Јас добив 14 гласа, а кога ќе се исклучат нерегуларните гласови, резултатот би бил поинаков. Битката не е завршена. Во кошарката не е потребно беззаконие, и самоволие, македонската кошарка не е на еден или двајца луѓе, па тие да владеат со неа, таа е на целата нација. Актите на статутот треба да се почитуваат, да се гласа регуларно, без притисоци и по сопствен избор. И токму затоа сметам и верувам дека нашите институции ќе ја согледаат очигледната нерегуларност, и ќе ги поништат овие нерегуларни резултати.
Loading...
Актуелниот претседател рече дека ја има поддршката од клубовите. Дали е тоа точно?
– Резултатот беше 16 спрема 14. Од тие 16 гласа седум се од различни здруженија финансирани од МКФ и кои се основани со единствена цел да бидат искористени како гласачко тело на Наумоски. Тоа јасно покажува за кого биле клубовите. Од тој аспект, јас сакам јавно да прашам, тогаш кого застапува МКФ?
И ова не е случајно! Мнозинството клубови не се задоволни, и сакаат промена. Сакаат раководство со кое ќе имаа рамноправен дијалог, федерација која ќе работи во нивен интерес, и во корист на развојот на македонската кошарка. Федерација која ќе се финансира од спонзорства, издавање на ТВ права, а не од котизација, во услови кога клубовите, се мачат со обезбедување на финансии.
Кој е следниот чекор кој ќе го преземете?
– Веке е даден приговор до Агенцијата за млади и спорт и се чека надлежниот инспектор за спорт да изврши надзор над работата на собранието, да утврди неправилности и да донесе соодветно решение. Јас верувам во правдољубие, во коректноста на нашите институции. Искрено, јас лично никогаш не би сакал да водам една федерација, ако не верувам дека клубовите стојат зад мене. Фер односот Федерација – клубови, е приоритет за секој кој има амбиција да биде на чело на МКФ.
Вашето мислење за македонската репрезентација која по ЕП Литванија е во „слободен пад“, посебно по заминувањето на Џикиќ од селекторската позиција и одбивањето да играат неколку клучни играчи, меѓу кои и Антиќ?
– За жал, резултатите на македонската репрезентација се разочарувачки, посебно по смената на Џикиќ. Се загуби хармонијата, играчи лесно се откажуваа, не се најде модул кој ќе донесе резултат. Уште полошо, се уништи имиџот на македонската кошарка, која со децении беше омилената спортска екипа во земјава. Бевме редовни учесници на врвни натпреварувања, нашите клубови бележеа успеси, публиката беше во салите, се бодреше се живееше со кошарката.
Видете каква е состојбата денес. Натпревари без публика, со второкласни странски кошаркари, недостаток на млади кошаркари. дали некој се прашал колку има регистрирани македонски кошаркари во нашата Прва лига, какви се младинските лиги, колку деца тренираат? Верувајте состојбата е разочарувачка. Нам ни е потребно обединување, мала нација сме, немаме многу како Антиќ… Да сме сите заедно. И тоа не е нешто премногу што посакувам. Немаме визија!
Дали во блиска иднина може да очекуваме подобри резултати на репрезентативен план кога младинските селекции не можат да се истакнат ниту во Б-дивизите?
Ќе мора да бидеме трпеливи, бидејќи со години се работи несистематски без план и програма и каде селективно се бираат и тренери и играчи во помладите категории. Многу примери каде интересот преовладува пред квалитетот и знаењето. Почнавме да губиме од репрезентации (во сите категории) кои претходно ги немаше на мапата на кошаркарскиот свет.
Систематската работа со нашите млади деца од најрана возраст мора да биде неселективна и на ниво на цела Македонија како би можеле со индивидуална работа на најталентираните да направиме идни носители на македонската кошарка. Ова е процес кој бара време, но важно е системот да биде правилно поставен.
Настапувајќи за Работнички во македонската лига, на крајот на вашата кариера, се соочивте со „ненормални“ услови за кошарка во 21 век, во студени сали, без соодветни соблекувални, оштетени терени. Каде е решението и дали може да бараме резултати во такви услови за работа?
– Кога ќе ви кажам дека условите беа многу подобри пред 20 години кога за првпат отидов во странство доволно кажува за состојбата во мк-кошарката. Играње во ладни сали, без топла вода (некаде), со дупки во паркетот, со различни кошаркарски топки, без публика. Токму желбата за промена на оваа состојба ме мотивираше да се кандидирам. Со искрена намера да направам нешто на долг рок, да го вратам ентузијазмот и желбата да се работи напорно и континуирано.
Ние сме спортска нација, живееме со спортот, од него црпеме енергија, се соживуваме, и токму затоа се впуштив во оваа кандидатура. Мојата намера е искрена, етична, со единствена цел повторно да ја сакаме кошарката. Лигата да има официјален спонзор, добри тренери, одлични услови за работа.
Во случај да успеете да станете претседател на МКФ што ќе биде приоритет во Вашата работа?
– Да ја вратиме довербата кај клубовите, да ги вратиме младите на терените, да се зборува за натпревари, за потези, и млади кошаркарски таленти, а помалку да се занимаваме со административни работи. Да го собереме најдоброто од Македонија и да го вратиме стариот сјај на репрезентацијата. Едноставно никогаш да не престанеме да работиме.
Зоран Стерјовски/МИА