Министрите за надворешни работи од Европската унија денеска во Софија ја продолжуваат неформалната средба, а на дневен ред се Стратегијата за проширување на Унијата, безбедносни прашања и одбрана, како и ситуацијата во Сирија и Северна Кореја.
Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева пред новинарите изјави дека демократски, просперитетен и безбеден Западен Балкан е од исклучителна важност за ЕУ. Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е еден од главните приоритети на бугарското претседавање.
– Тие земји се наши соседи и веруваме дека ќе бидеме заедно во ЕУ кога сите ќе бидат подготвени, изјави шефицата на бугарската дипломатија.
Захарова ја пофали новата Стратегија за проширување, наведувајќи дека таа е „целосна, правовремена и непристрасна“. Таа не сакаше да го коментира спорот меѓу Македонија и Грција за името и истакна дека тоа е билатерално прашање.
– Позицијата на Бугарија е јасна по ова прашање. Ова е билатерално прашање меѓу Скопје и Атина. Се надевам дека ќе постигнат напредок за време на разговорите. Но, нашиот став е дека изнаоѓањето на решение за името е важно за цела ЕУ, но важно е пред се за двете земји и ние се надеваме дека нема да создаде нови, како да кажам, проблеми. Сепак, ова е билатерално прашање и јас сум убедена дека моите колеги ќе го најдат најдоброто решение, истакна вчера Захариева.
Дека Западен Балкан е „главен приоритет“ потврди и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини, која истакна дека министрите ќе разговараат за тоа „како да ја зајакнат европската перспектива на регионот“.
Што се однесува на другите прашања, Могерини изјави дека доколку има области за кои Унијата е едногласна, тоа се прашањата поврзани со безбедноста и надворешната политика.
Зборувајќи за ширењето на конфликти во одредени делови на светот, Могерини изјави дека доколку ЕУ не биде присутна со својата хуманитарна помош, развој, политички, дипломатски и безбедносни активности, на многу места ситуацијата би била полоша.
На дневен ред е и Сирија, каде ситуацијата е драматична, поради што и ЕУ подготвува втора бриселска конференција за земјата.
– ЕУ сака да мобилизира помош за народот во Сирија и во соседните држави, истакна Могерини.
Таа се осврна и на Северна Кореја и оцени дека постојат охрабрувачки чекори, посебно за време на Олимпијадата во Јужна Кореја.
– Ќе разгледаме како ЕУ може да ја зајакне својата поддршка за изнаоѓање решение за демилитаризација на полуостровот, информира Могерини.
Неформалната средба на министрите за надворешни работи се нарекува и „Гимних“, поради тоа што првпат се одржала во 1974 година во Гимних во Германија. На средбата денеска ќе учествуваат и шефовите на дипломатиите од петте држави кандидати за членство во ЕИ, меѓу кои и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров./МИА